Поморот на риби во Вардар, кај Градско, го предизвикало истекување на течно ѓубриво од биогасна централа

Објавено на 28 јули, 2024 во 14:56

Истекоа многу големи количини течен пост дигестат поточно ферментирано течно ѓубриво што се користи за наѓубрување на земјоделски површини. Оваа материја е причина за денешниот помор на риби во река Вардар, кај Градско. Таа е производ после завршената ферментација во дигесторите за производство на биогас, констатираат во првичниот извештај, по извршен вонреден инспекциски надзор, двајца државни инспектори на инспекторатот за заштита на животна средина.

Во извештајот, инспекторката Биљана Шуркова Манаскова и Јованче Колев, констатираат:

„Овој пост дигестат кој е складиран во бетонски резервоар во кругот на биогасната централа, во сопственост на „ВАРДАР БИО ПРОЦЕС“ ДОО Градско, од приемна шахта преку цевовод се складира во земјена лагуна, која е изградена неодамна и е во непосредна близина на земјоделските површини кои се наѓубруваат. Последното полнење на лагуната завршило во текот на ден сабота, 27 јули околу 17:00 часот. Според присутните лица при надзорот, во утринските часови на ден 28 јули, недела, околу 05:20 часот, поради попуштање поточно обрушување на дел од насипот, големи количини пост дигестат завршиле во околните земјоделски површини, но голем дел е истечен и во река Вардар. Оваа состојба е затекната и на лице место при вршење на надзорот“, пишува во извештајот на Државен инспекторат за заштита на животна средина.

Државните инспектори издале усна наредба за итно ангажирање на механизација и превземање на активности за санирање на насипот на лагуната. Од инспекторатот додаваат дека инспекциската постапка е во тек но и дека за исходот од постапката и превземените инспекциски мерки по случената хаварија, јавноста ќе биде навремено информирана во текот на претстојната недела. Поточно информациите ќе следат откако ќе биде завршен целосно инспекцискиот надзор.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.