Новиот албум на Благој Ламњов од вчера и на Јутуб (видео)
Новиот албум на Благој Ламњов ,„Nostalgic Love 2“ кој беше издаден на 1 Ноември во Шведска од вчера е поставен и на јутуб за бесплатно слушање.
„Албумот веќе еденипол месеци е на официјалните музички платформи Spotify, Apple Music, Amazon, iTunes, BandCamp, итн. Но знам дека во Македонија најголем дел не се претплатени на овие платформи. Затоа сакав да го поклонам и вториот албум на таа скромна бројка публика која ја имам во Македонија од која добивав многу топли пораки после првиот албум. Сакам да ме следат и понатаму со тоа што е најново кај мене. Сакав да продолжи влијанието кое го има мојата музика во општеството,“ рече Ламњов.
Новиот албум на познатиот велешанец во Европа и во светот, „Nostalgic Love 2″ снимен е во „Gula Studion“ (Жолтото Студио) во Малме, Шведска во Април 2024.
За разлика од првиот албум, овој пат Ламњов сам ги свири сите инструменти: кларинет, клавир, гитара, бас, ударни, eрменски дудук. Инструментите се акустични и нема никакви компјутерски програмирани мелодии.
Целиот абумот е снимен во два дена. Во две нумери се појавуваат и бранови од Јадранското море кои, како што вели тој „ги снимив на исклучително драго место во Истра, Хрватска. Со се што е во албумот морам да сум емотивно поврзан и да имам некаква приказна или причина„.
Ламњов препознатлив е по тоа што според коментарите на слушателите „покажа една друга димензија на кларинетот“. Тој го микса македонскиот фолклор со сензибилитетот на западната класична традиција и фразирање, класичниот тон на кларинетот, задржувајќи ја во целост македонската традиција при изведбата на неговите и народните песни.
Стефани Манева