Повик за бојкотирање на маркетите во петок на 31 јануари
На социјалните мрежи, деновиве, се шири повик за бојкот и на маркетите во Македонија, во петок, на 31 јануари, по примерот во Хрватска и останатите земји во регионот. Неформалната фејсбук група „Бојкот – Стоп за вискоите цени на храната!“ во повикот пишува:
„Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити“, пишува во повикот.
Со повикот се мотивираат граѓаните да се воздржат од купување во маркетите. Настанот е под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“.
Овој повик се објавува и на останати социјални мрежи а го објавуваат повеќе медиуми.
Оваа иницијатива во Македонија се појавува седум дена откако ист бојкот се одржа во Хрватска, каде постигна голем одзив на купувачите. Таму граѓаните ги бојкотираа сите маркети, бензиски станици и угостителски објекти додека организиран беше од Независната платформа на потрошувачи „Хало, инспекторе“, поддржана од други здруженија за заштита на потрошувачи, синдикатите, политички партии, па и самиот Министер за економија. Во Хрватска бројот на издадени сметки на денот на бојкотот, на 24 јануари, бил помал за 44 проценти, додека вредноста на потрошени средства била помала за дури 53 отсто додека за неколку дена прометот е намален за неверојатни 44,183 милиони евра. Наредните седум дена цел се три трговски ланци во Хрватска и три производи, за кои советот е да не се посетуваат односно купуваат до понеделник. И во оваа држава има повик за повторување на акцијата во петок, 31 јануари.
Освен во Македонија и во Хрватска ваков повик за бојкот на продавниците, бензиските пумпи, кафулињата и рестораните се шири и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Дума.мк