(Видео и фото) Мостот кај Башино село следниот месец ќе биде пуштен во целосна употреба, но за трајно решение од септември ќе се гради нов мост

Објавено на 22 мај, 2025 во 14:22

Мостот кај „Башино село“ во Велес ќе биде пуштен во целосна употреба следниот месец, поточно од 21-ви до 25-ти јуни годинава, ова денеска го соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, при увидот на работите на долниот дел од мостот.

Велешани, но и сите останати учесници во сообраќајот, од крајот на следниот месец безгрижно ќе можат да поминуваат низ мостот кој на 3 јануари годинава беше целосно затворен за употреба поради неговата нестабилност и ризичност по безбедноста на сообраќајот, а по краток период беше отворен со привремено решение, преку користење на една лента за возење.

Според изјавата на директорот Коце Трајановски, главната причина поради која дошло до оштетувања на мостот е протекувањето на вода од горниот слој на столбовите и гредите на мостот.

– ЈПДП распиша тендер и за проектирање на нов мост кој ќе биде направен паралелно со сегашниот мост, со надеж дека до крај на месец јуни ќе го објавиме тендерот за изградба на мостот, кој би траел 60-тина дена, и очекуваме, ако биде сè во најдобар ред, некаде септември да избереме изведувач и да почнеме со градба на новиот мост, со кој трајно ќе се реши проблемот на Општина Велес, објасни Трајановски.

При увидот на мостот присутни беа и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, како и деканот на Градежен факултет, Горан Марковски.

Градоначалникот Колев потврди дека за околу триесеттина дена целосно ќе биде реконструиран долниот дел на мостот и дека на 50-тина метри од Башиноселски ќе биде изграден нов мост, со кој трајно ќе се реши проблемот на градот. Колев објасни дека граѓаните нема да имаат потреба да влегуваат во градот туку ќе можат безбедно да ја користат оваа заобиколница.

Деканот на Градежен факултет Горан Марковски објасни во каква состојба бил затекнат мостот на почетокот на санацијата и напомена дека Градежен факултет, за прв пат, применил траен мониторинг на овој мост со тоа што, во секој момент, професорите во нивните кабинети на факултетот во Скопје да ја следат стабилноста на мостот кога е под сообраќај со цел да се исклучи секаква опасност и со тоа да се зголеми безбедносната фаза.

Трајановски, Колев и Марковски повторија дека со пуштање на стариот и почетокот на изградбата на новиот мост, Општина Велес, ќе обезбеди трајно решавање на сообраќајниот проблем кој постои над 15 години како за граѓаните така и за сите учесници во сообраќајот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.