Д-р Кодовски: Болеста канцер на дојка се дијагностицира и кај мажи, годинава фатален исход имаше кај двајца велешани (видео и фото)
Објавено: 30 октомври, 2026, во 14:35 часот
ЈЗУ Општа болница Велес има Кабинет за дојка и опрема но нема специјалист Радиолог. Овој специјалистички медицински профил е од огромно значење и за функционирањето на Кабинетот исто како и повторно враќање на скрининг програмата од страна на Министерство за здравство која овозможува од една страна бесплатни прегледи за рано откривање на заболувањето и од друга страна следење на болеста и здравствената состојба на веќе оперирани пациенти во Велес.

На едукативно предавање во Општа болница Велес значајни информации од праксата на Хирушкото одделение споделија специјалистите хирурзи, д-р Петре Кодовски од Општа и д-р Петре Ставревски од Абдоменална хирургија. Пред колегите, здравствени работници и особено за јавноста, двајцата хирурзи открија дека на ова одделение се оперираат пациентки и пациенти со дијаноза канцер на дојка. Тоа се случаи кога не е потребно вклучување на лекари специјалисти како што се Пластичен или Торакален хирург.

Овие специјалисти во секојдневната работа, исто така, ја дијагностицираат болеста, ги препраќаат пациентките и пациентите на Клиника за Онгологија во Скопје, продолжуваат да ја следат пред и пост оперативната состојба. Според д-р Петре Кодовски, превенцијата е од суштествено значење за болеста која исто како женската ја напаѓа и машката популација. Освен за успешното отстранување на канцер на дојка во поодмината фаза кај пациентка, д-р Кодовски, вели и дека во скринингот посериозно треба да се вклучи машката популација посочувајќи го фаталниот крај на двајца од вкупно тројцата пациенти мажи во Велес.
Задолжително правете самопрегледи и закажувајте прегледи во Кабинет за дојка беа препораките до граѓаните и граѓанките од д-р Гордана Ѓорчева Камчева, специјалист Радиолог на Општа болница Кавадарци. Таа се надева дека враќањето на термините од скрининг програмата и отстранувањето на проблемите на матичните лекари во обезбедување на прегледи преку системот Мој Термин ќе придонесат за поголема превенција на канцерот на дојка.
Д-р Никола Николов, специјалист психијатар на Општа болница Велес, сподели повеќе препораки особено значајни во психолошката поддршка на пациентите кај кои е дијагностицирана болеста или биле подложени на оперативен зафат со отстранување на дојка. „Тие треба да ја надминат бариерите како што се срам и да побараат помош од лекари специјалисти како и од психолози со чија помош ќе можат полесно да го продолжат животот,“ нагласи д-р Николов.

Овој едукативниот настан, ЈЗУ Општа болница Велес, го организираше во рамки на „Розов Октомври“ со цел да даде свој придонес за значењето на раното откривање, современите пристапи во лекувањето и психолошката поддршка на болеста канцер на дојка.
Убавка Јаневска


