Објавен огласот за времено ангажирање на 30 пожарникари во Велес
Објавено: 11 јули, 2025, во 09:46 часот
Општина Велес го објави огласот за работно ангажирање на 30 невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување.
„Се повикуваат сите невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија на (АВРСМ), да се вклучат во мерката 6.2 – јавни работи за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување), заради зголемување на вработливоста преку работно ангажирање на невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување, да се пријават во Агенцијата за вработување Велес“, пишува во повикот објавен на сајтот на Општина Велес.
Работниот ангажман ќе трае најмногу 5 месеци, за месечен надоместок од 24.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидитет и телесно оштетување при повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Средствата се обезбедени од Буџетот на АВРСМ.
За учество на мерката лицата треба да се активни баратели на работа, да се здрави и психофизички способни, да не боледуваат од кардиоваскуларни и белодробни заболувања, епилепсија и дијабет. Да се на воздраст до 55 години.
Изборот на кандидатите ќе го направи Општината во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Противпожарниот сојуз на Македонија (ПСМ). Избраните кандидати ќе поминат обука која ќе ја организира ПСМ за користење на противпожарна опрема и вештини за справување и превенција од пожари. Само кандидатите кои успешно ќе ја поминат обуката ќе добијат потврда за работа. Пожарникарите ќе бидат ангажирани согласно потребите на ДЗС.
Огласот е отворен до 17 јули, а пријавите ќе се поднесуваат во Центарот за вработување Велес.
Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес делува и на територијата на општините Чашка и Градско.
Убавка Јаневска


