(видео и фото) Д-р Бошко Илиев го исплива Подлешкото езеро во чест на Павловден
Објавено: 14 јули, 2025, во 11:56 часот
Во пресрет на патрониот празник на Општина Градско — Павловден, д-р Бошко Илиев успешно го исплива Подлешкото езеро, трипати заобиколувајќи го во вкупна должина од 3,5 километри за време од 1 час, 26 минути и 13 секунди. Како што објаснува Илиев на својот фејсбук профил оваа успешна реализација на пливачкиот наста е уште една промоција на убавото езеро, Подлешко, кое е дваесет и второ во Македонија и негов 171-ви испливан маратон.
-Три пати пливајќи го заобиколив езерото во должина од 3,5 км по поводот Павловден — денот на Градско. Им благодарам на градоначалникот Кире Нацков, како и на моите пријатели Цане Будимов и Милан Наумчев за присуството и организацијата на овој настан, изјави д-р Бошко Илиев.
Настанот, кој се организираше како дел од одбележувањето на патрониот празник на општината, доби и официјална поддршка од локалната самоуправа.

-Овој подвиг не е само личен спортски успех, туку и симбол на посветеност, сила и заедништво. Честитки до д-р Илиев кој со својата храброст и енергија го одбележа овој за нас значаен ден!, објасни Киро Нацков градоначалникот на Градско.
Подвигот на д-р Илиев е уште една потврда за неговата спортска посветеност, но и за убавините што Општина Градско ги нуди, како за локалните жители, така и за пошироката јавност.
Стефани Манева


