Казнети 1.148 возачи за време на викендот – 128 без дозвола, 115 пијани..
Објавено: 29 јули, 2025, во 09:50 часот
Во текот на изминатиот викенд полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи низ државата спроведоа редовни сообраќајни контроли, при што беа издадени вкупно 1.148 платни налози за различни прекршоци во сообраќајот.
Најзастапени прекршоци биле пречекорување на дозволената брзина на движење, за што биле казнети дури 458 возачи, додека 128 возачи се фатени како управуваат возило без важечка возачка дозвола. Алкотестот покажал недозволено количество алкохол кај 115 возачи, кои веднаш биле исклучени од сообраќај.
Во рамките на контролираните учесници во сообраќајот, 46 мотоциклисти биле санкционирани поради неносење заштитен шлем, а 175 лица биле казнети за недозволено паркирање. Дополнително, полицијата регистрирала 28 случаи на некористење сигурносен појас, 17 возачи користеле мобилен телефон за време на возење, а тројца поминале на црвено светло.
Не беа поштедени ниту двајца пешаци и тројца возачи на електрични тротинети, кои исто така добиле прекршочни санкции.
Според Законот за возила, од сообраќај се отстранети 31 нерегистрирано возило, додека три возила биле исклучени поради техничка неисправност.
Министерството за внатрешни работи најавува дека ваквите засилени сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови, со апел до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата и да се намалат несреќите.
Дума.мк


