Демир Капија добива нови инфраструктурни проекти со поддршка од Владата
Објавено: 14 август, 2025, во 11:42 часот
Општина Демир Капија, која е дел од Вардарскиот плански регион, ќе реализира неколку капитални инфраструктурни проекти со финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија, добиена преку вториот јавен повик за финансирање на проекти во општините. Со овие инвестиции се очекува значително подобрување на условите за живот на граѓаните и поттикнување на понатамошен развој на општината.
Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, неодамна во Владата ги потпиша договорите за реализација на проектите, кои ќе бидат финансирани со средства во висина од 31.358.542 денари. Дел од проектите ќе бидат кофинансирани од страна на Општината, која ќе обезбеди сопствено учество во износ од 4.264.744 денари. Според градоначалникот Петров, овие проекти претставуваат значаен чекор напред кон создавање на модерна и инфраструктурно развиена општина, каква што, како што вели, граѓаните заслужуваат.
Меѓу проектите што ќе се реализираат се изградбата на електрични инсталации за улично осветлување на повеќе локации во општината, како и доградбата на кујна и ресторан за исхрана во склоп на основното училиште „Димче Анѓелов Габерот“, во рамки на четвртата фаза од проектот. Исто така, ќе се гради атмосферска канализација на улицата „Маршал Тито“, а ќе се спроведе и втората фаза од реконструкцијата на фудбалското игралиште во градот. Дополнително, предвидено е уредување на спортски терени, меѓу кои изградба на ново отворено тениско игралиште во Демир Капија.
Покрај овие активности, Општина Демир Капија претходно склучи договор со Министерството за локална самоуправа за реализација на уште еден значаен проект. Станува збор за набавка на механизација за подобрување на комуналните услуги во општината, во вредност од 2.000.000 денари. Овој проект е дел од програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони, како и за зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година.
Овие инвестиции претставуваат продолжување на политиките на локалната самоуправа за унапредување на јавната инфраструктура и подобрување на животниот стандард во Демир Капија.
Дума.мк


