На Сервисот за психо-социјална поддршка на жени жртви на семејно насилство му треба поддршка и од локалните заедници
Објавено: 5 ноември, 2026, во 10:18 часот
Зголемен е бројот на случаи на семејно насилство на територијата на општините Велес, Чашка и Градско.Во дневните полициски билтени нема ден во кој што не се објавени физички или психички малтретирања на мажи врз жени, на деца врз родители или на други видови на насилства.
Сепак најчести жртви на семејсно насилство се жените велат од Организација на жени на Општина Велес која има отворено Сервис за психо-социјална поддршка на жени – жртви на семејно насилство. Во сервисот со жените кои претрпеле насилство работи дипломиран психолог кои издава стручни услуги и помага на оваа категорија на жртви да ги надминат траумите на кои биле подложени во различни временски периоди, од повеќе месеци до повеќе години а има и случаи со трауми кои се провлекуваат со децении.
-Во моментот во сервисот услуги добиваат осум жени и три деца, но бројот од месец на месец се зголемува. Со самото тоа што тие доаѓаат и работат со психологот се оснажуваат, добиваат поддршка, самодоверба и заедно работат на реинтеграцијата на жените во заедницата. Се постигнуваат резултати во работата кои можат да се прикажат и преку бројки на жени кои од жртви освен што ги надминале траумите, се осамостоиле, тие дошле до прво вработување и продолжиле да се грижат за своите деца, “ рече Мирјана Трајкова – претседателка на Организација на жени на Општина Велес.
Тоа што му недостасува на Сервисот за психо-социјална поддршка на жени жртви на семејно насилство за работа е континуираната финансиска поддршка. Засега е дел од проектот „Заедно сме посилни“, финансиски поддржан од Министерството за социјална политика, демографија и млади и вклучен во програма на Општина Велес но не и во останатите три општини Градско, Чашка и Лозово во кои се појавуваат жени – жртви на семено насилство кои се прифаќаат и вклучуваат во сервисот.
Организација на жените на Општина Велес во моментов одржува работни средби во овие општини се со цел да поттикне поголема меѓусекторска соработка во која се вклучени и претставници на Центар за социјална работа и Полициски станици на Сектор за внатрешни работи Велес.
-Целта на средбите беше да се разговара за актуелната состојба со семејното насилство во општините Велес, Чашка и Градско, како и за досегашната работа, активностите и услугите што ги нуди Сервисот за психо-социјална поддршка на жени жртви на семејно насилство. Во рамки на активноста беа поделени информативни и промотивни материјали, флаери и други печатени содржини, со цел граѓаните да се информираат каде и како можат да побараат помош, поддршка и заштита доколку се соочат со семејно насилство, додаде Трајкова.
Таа појасни дека преку средбите и активностите се јакне свеста за препознавање и пријавување на семејното насилство и се придонесува кон создавање побезбедна заедница.
Убавка Јаневска


