Јубилеј 65 години ОСУ„Јовче Тесличков“ Велес: Децении на труд, успеси и пријателства (видео и фото)
Објавено: 2 септември, 2025, во 14:20 часот
Бројни успеши економисти, правници, претприемачи, трговци и наставници се белег и резултати на шест ипол децениското постоење на ОСУ „Јовче Тесличков“ во Велес. Вчера вечер, 1 септември, кога училиштето го славеше значајниот јубилеј со директорот Васко Трајковски и Наставничкиот колегиум беа и нивни поранешни колеги како и ученици кои со своите постигнати успеси и резултати низ образовниот процес на училиштето, нему и на Велес, му носеле бројни дипломи, благодарници и медаљи.
Актерот Крсте Јовановски ја отвори вечерта на 65 годишниот јубилеј заблагодарувајќи се за втор пат укажаната чест да зборува како ученик кој што своето средно образование го завршил во велешкото економско училиште. Јовановски раскажа случка од одбележувањето на 25 годишниот јубилеј и изрази надеж дека можеби ќе го доживее и наредниот, стоти на своето средно училиште.

„Прв пат бев присутен на 25 годишниот јубилеј на покана на тогашниот директор Симеон Јорданов, популарниот Моне, мојот класен раководител, којшто со поканата ми рече: Дојди за да кажеш нешто за твоето училиште. Тогаш се договоривме до директорот и со сега присутната наставничка по Македонски јазик, Мечкарова, да добијам биографски податоци коишто ќе ги искористам за еден краток Монолог. Го подготвив во прво лице еднина, како тогаш да се случува, дојдов и настапив во тогашниот Пионерски дом. Ова ви го кажувам затоашто додека јас го говорев монологот, во првиот ред на салата, седеше една бабичка, беше слаба жена, облечена во црнина и имаше изразито воочливи наочари со јак диоптер. Тоа што ми остави впечаток беше што додека јас го кажував монологот таа, нејзините очи, гледаа во мене и го впиваа секој збор. Првично помислив дека станува збор за некоја жена Првоборец или многу заслужен граѓанин за отворање на ова училиште. По завршување со монологот, ме запознаа со неа, со мајката на Јовче Тесличков, чија силна прегратка ја чувствувам до ден денеска,“ рече Јовановски.

За вредностите и знаењето на учениците како и за ангажирањето како и посветеноста на своите и колегите низ изминатите шест ипол децении пред присутните колеги, званици и гости говореше директорот Васко Трајковски.

Трајковски со колегите од Наставнички совет по повод јубилејот подготвија и специјален видео материјал во којшто се користени материјали на училиштето и од архивата на Државен Архив на Македонија, Подрачно одделение Велес.
Гости на јубилејната вечер беа Министерката за образование Весна Јаневска, Државниот секретар во МОН, Елена Ивановска, Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, Претседателот на Совет на Општина Велес Даниел Јаневски, членови на Совет на Општина Велес, општинските и државниот инспектор за образование, претставници на фирми кои се партнери на училиштето во реализација на Дуално образование и други образовни проекти како и бројни соработници.




ОСУ „Јовче Тесличков“ формирано е на 1 септември 1960 година, со решение на Окружен Народен одбор на Титовелешка околија од 14 септември, истата година. Прво функционираше во зградата на старата велешка Гимназија додека по 45 години, исто така, на 1 септември беше преместено во сегашниот објект инаку поранешна зграда на затвореното ОУ „Трајко Андреев“ во Велес.
Убавка Јаневска



