Ансамбл „Керамичар“ од Велес настапи на фестивалот „Истибањско здравоживо“ во Виница
Објавено: 11 септември, 2025, во 10:39 часот
Играорците на Ансамбл „Керамичар“ од Велес вчера настапија на јубилејното 40-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“, кој традиционално се одржува во Истибања, Виница. Со својата изведба на кореографијата „Прилепски игри“, ансамблот го претстави богатството на македонскиот фолклор, носејќи ја публиката низ ритмите и духот на традицијата.

Со впечатливи, автентични македонски носии, прецизна игра и длабока посветеност кон традицијата, играорците уште еднаш докажаа зошто се нарекуваат културни амбасадори на Велес. Нивниот настап не само што ја оживеа богатата фолклорна ризница на Македонија, туку и на присутните им понуди вистинско фолклорно доживување.

Фестивалот е во организација на Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, а се одржува под покровителство на Општина Виница и Министерството за култура. Овој настан секоја година обединува фолклорни друштва од земјата и странство, кои преку игра, песна и музика ја слават различноста и убавината на народната традиција.
Стефани Манева


