Доц. д-р Стојанче Костов со научно предавање за делото на Ганчо Пајтонџиев во Велес
Објавено: 28 октомври, 2026, во 08:49 часот
„Придонесот на Ганчо Пајтонџиев во развојот на македонската етнокореологија“, со која вниманието ќе биде насочено кон научната работа, истражувачкиот придонес и значењето на Пајтонџиев за проучувањето на македонските народни ора е тема на научно предавање кое што ќе го одржи Доц. д-р Стојанче Костов, истражувач на народните ора при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје.
-Етнокореологијата, како научна дисциплина што ја проучува традиционалната игра во нејзините културни, општествени и историски контексти, има значајно место во истражувањето на македонското нематеријално културно наследство. Токму затоа, ваквите предавања претставуваат можност за продлабочување на знаењата за историјата на научната мисла и за личностите што придонеле во документирањето и проучувањето на традиционалната култура, рече Христијан Саздовски од ЗГ „Разбој“.
Со овој настан, Здружението на граѓани „Разбој“ – Велес ја потврдува својата определба 20 годишниот јубилеј да го одбележи преку содржини што имаат научна, културна и едукативна вредност. Воедно, предавањето е можност за средба на истражувачите, културните работници, членовите на фолклорните ансамбли и културно-уметничките друштва, како и на сите љубители на македонската традиција.

Јубилејната програма има за цел да потсети на важноста од континуираното истражување, зачувување и пренесување на културното наследство на идните генерации.
Научното предавање ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 18:00 часот, во Медијатеката при Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес.
Според организаторот, настанот е отворен за сите заинтересирани посетители, особено се очекува посетеност од културно – уметничките друштва и фолклорните ансамбли од градот Велес.
Убавка Јаневска


