ЗГ „Велешки акцијаши“ одбележа 40 години МРА „Бабуна“ со ветерани од Македонија, Србија и Словенија, стигна реакција од ЗГ „Акцијаш ветерани“ (Фото)
Објавено: 15 септември, 2025, во 13:02 часот
Со тридневен престој во Велес на поранешни акцијаши сега ветерани од граѓански здруженија од Македонија, Србија и Словенија, домаќините од ЗГ „Велешки акцијаши“ и Сојуз на здруженија на акцијаши ветерани на Македонија го одбележаа јубилејот 40 години од одржување на МРА „Бабуна 85“. Одбележувањето се одржуваше во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ поточно на истото место кадешто пред 40 години беа сместени акцијашите учесници на оваа едномесечна Републичка младинска акција со која за прв пат се уреди речното корито на долниот тек на река „Бабуна“ во излетничко место.

Дваесет и осумте гости од Словенија и Србија стигнаа петокот, на 12 септември, додека акцијашите ветерани од Македонија во саботата, на 13 септември, кога се одржаа главните активности на свеченоста на четири деценискиот јубилеј. Саботното претпладне беше резервирано за свеченото постројување на акцијашите ветерани во дворот на Средношколскиот дом кои потоа во колона минаа низ центалните улици на Велес за да стигнат до спомен куќата на Кочо Рацин, каде се запознаа со животниот пат и творештвото на најголемиот македонски поет и револуционер.



Попатно, пред споменикот на македонската хероина, Мирка Гинова и спомен обележјето посветено на загинатите Македонци, борци на Демократската армија во Грција во Граѓанската војна, домакините на акцијашите ветерани им го раскажаа животниот пат и погибјето на наставничката Гинова како и значењето за македонската историја на загинатите борци, Македонци, во Грција. Исто така на враќање од спомен куќата на Кочо Рацин акцијашите ветерани мал одмор имаа пред велешки Театар и пред споменикот на Кочо Рацин во паркот пред велешката Гимназија којашто го носи неговото име.



Во саботата напладне во холот на Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ се одржа централната свеченост на манифестацијата „40 години МРА Бабуна 85“. Здружението „Велешки акцијаши“ одлучи со Спомен плакета да ги награди иницијаторите на акцијата и тоа постхумно, тогашниот претседател на младинската организација, Сојуз на социјалистичка младина на Титов Велес и акцијаш Зоран Тодоров како и велешката акцијашка легенда, Слободан Кириќ. Тие двајца ја обезбедија поддршка за одржување на акцијата, од тогашните градски власти преку лобирање кај функционерите во Титов Велес, кои одлучија и ја финансира републичката МРА „Бабуна 85“. Станува збор за Ѓоко Манчев, исто така акцијаш и учесник на младински работни акции и Трајче Џалев, кои се добитници на Признание.



Организаторите на јубилејот им подготвија Благодарница и на велешките акцијашки легенди како Славко Мицев Гане, Трајче Папазовски, Фаик Каришиќ, Боре Крстев и Зоран Лазаров како и постхумно на акцијашот и бригадир Боре Манев.



Со јубилејни благодарници беше вреднуван и едномесечниот акцијашки труд на комплетниот Штаб на МРА „Бабуна 85“ составен од Командантот, Зоран Тодоров, Замениците команданти Миле Маџаров и Слободан Ќирик, организацискиот секретар Марина Деспотовска Јовева, референтите за идеологија Маргарита Алексова, за ОНО, спорт и рекреација Љупчо В`чков, за технички активности Илија Настев и за културни активности Васил Гемишев, како и за информирање Убавка Јаневска и Сузана Павлова Тасева, како и останатите членови Билјана Костадинова, Миле Ацков, Иван Илиев, Тодор Димов Вицот (постхумно), Благоја Ѓошев и Делчо Костов. Голем дел од членовите на тогашниот Штаб не присуствуваа на свеченото доделување на признанијата.


Благодарница за поддршката на акцијата доби и Аница Ковачева, тогашен воспитувач во велешкиот Средношколски дом. Во нејзина спреченост, благодарницата ја прими сопругот Трајче Ковачев, македонска и велешка фудбалска легенда.

Особен впечатливо беше врачувањето на наградите од страна на претседателот на Сојуз на акцијаши ветерани на Македонија, Борче Георгиевски и на Претседателот на Управен одбор на ЗГ „Велешки акцијаши“, д-р Никола Нацев на Благоја Ѓошев кој на 87 годишна возраст дојде на свеченоста со себе носејќи ги албумите со фотографии како и искажувањето на Ѓоко Манчев поврзано со носењето на одлуката за финансирање од страна на градот Титов Велес на МРА „Бабуна 85“.


-Имаа голема среќа тогашните младинци, во периодот од 80 до 90 години на минатиот век, што помеѓу раководителите на Титов Велес постоеја исто така бригадири и акцијаши додека останатите функционери ја сватија младинската желба преку финансирање на МРА „Бабуна 85“ на градот да му подарат уредено излетничко место во кое благодетите ќе ги уживаат граѓаните, особено во летните месеци. И тоа навистина се случи и беше така, видно возбуден рече Ѓоко Манчев.

-Тогашните младинци, акцијаши преку доброволни акции оставија капитални дела и го ширеа братството, единството и пријателството меѓу народите во тогашна Југославија. Македонија со организирање како на локални, републички и на Сојузни акции има голем придонес во развојот на акцијаштвото и преку него, со учеството на тогашните младинци бригадири и акцијаши, во изградба на капитални објекти како брани, хидроцентрали, патишта, автопатот Братство – Единство, водоводни, канализациони мрежи и во пошумување на својата татковина кои до денешен ден се употребуваат од граѓаните, рече Борче Георгиевски, претседател на Сојуз на здруженија на акцијаши ветерани на Македонија.

Учесниците на јубилејното одбележување на МРА „Бабуна 85“ од Штип, Крива Паланка, Битола и Скопје во саботата попладнето си заминаа додека за гостите од Србија и од Словенија беа организирани две бригадирски вечери. Една во винарија и една во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“. Дваесет и осумте ветерани пред заминување од Велес, во неделата на 14 септември, засадија туи во дворот на ООУ „Васил Главинов“.

На овој љубилеј не учествуваа членовите на ЗГ „Акцијаш ветерани“ од Велес. Според реакцијата на Фејсбук на претседателот Горан Петков причина било тоа што постарото граѓанско здружението не било консултирано и вклучено во организацијата на овој значаен настан за акцијаштвото во Велес, наместо покана добило само известување, а не биле поканети ниту неговите членови кои го сочинуваа Штабот на МРА „Бабуна 85“.
Убавка Јаневска


