Еден осомничен за обид за изнуда и закани кон градоначалник

Објавено: 21 септември, 2025, во 11:00 часот

Обвинителство поведе истрага против неготинец, кој се обидувал да изнуди три илјади евра од градоначалникот и му се заканувал, информираа денеска од Јавното обвинителство. 

„Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против едно лице од Неготино за кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 19 (во обид), како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Кривичните дела ги извршил спрема градоначалникот на Неготино. На 2 септември, од анонимен фејсбук профил му пишал на градоначалникот и со сериозни директни закани кон него и неговото семејство се обидел да го присили да му исплати 3.000 евра,“ пишува во соопштението.

Според обвинителството осомничениот во периодот од 4 до 18 септември, во неколку наврати испраќал пораки со смртни закани кон градоначалникот и на официјалната електронска пошта на општината, со што кај оштетениот и неговото семејство предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

„Бидејќи постојат законските основи – опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор,“ се додава во соопштението.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.