Поповски: Сибирски бран со над 60 см снег и појава на мраз на планините како и обилни врнежи во котлините
Објавено: 2 октомври, 2025, во 08:57 часот
„Под влијание на циклонска активност и на многу ладна воздушна маса која од исток и од североисток, односно од Русија се спушта кон нашиот дел од Европскиот Континент, до крајот на денов како и утре, петок, 3 октомври. времето во Македонија ќе биде облачно и невообичаено ладно за самиот почеток на месец октомври. Врнежите од дожд во најголем дел ќе бидат обилни, над 30 литри на метар квадратен, локално и над 60 литри дожд на метар квадратен. Ќе дува повремено засилен ветер од северен правец.
Врнежите на повисоките места и на планините ќе бидат од снег и на планините ќе се формира првата сериозна снежна покривка за оваа сезона со над 50/60 сантиметри. Повремени врнежи од снег ќе има и во дел од градовите во западните и во северните предели на Македонија.
Во Скопје и околината, исто така, ќе биде невообичаено ладно за самиот почеток на месец октомври. Ќе дува и повремено засилен ветер од северен правец. Времето ќе биде облачно со пообилни врнежи од дожд а на околните планини и повисоки места околу Скопје ќе има врнежи од снег. Во Скопскиот регион очекувам локално да наврнат над 30/40 литри дожд на метар квадратен а на околните планини ќе се формира снежна покривка.
Температурите денес ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени а утре,петок, 3 октомври, се очекува уште поладно време со максимални дневни температури кои ќе се искачуваат во интервалот од 0 до 9 степени. На планинските и на високите места температурите ќе паднат под 0 и ќе има појава на мраз.
Апелирам доколку патувате низ планинските превои задолжително да понесете со себе зимска опрема и да бидете крајно внимателни како управувате со своите возила, поради појавата на мраз и обилните врнежи на снег,“ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


