(фото и видео) Осумдесет насмевки и едно големо срце – Хуманитарна новогодишна вечер во „Сангрија“ за семејството Јовевски
Објавено: 15 декември, 2025, во 16:53 часот
Осумдесет детски насмевки и хумани дечиња го исполнија велешкиот ресторанот „Сангрија“, кадешто вчера се одржа хуманитарна новогодишна вечер под мотото „Со љубов за нов дом“, наменета за помош на семејството Јовевски, чиј дом го пеплоса пожар на 27 октомври годинава.
На настанот присуствуваа дечињата заедно со своите мајки и баби, кои беа пречекани од Дедо Мраз и Баба Мразица. Децата пееја, играа, се забавуваа и добиваа новогодишни пакетчиња, а преку своето присуство учествуваа и во едно големо хумано дело. Хуманитарната вечер беше организирана од Лорета Гиовска од Teen Vibe – Велес во соработка со ресторанот „Сангрија“.

За Дума.мк, Лорета Гиовска истакна дека била пријатно изненадена од големиот интерес и поддршката од граѓаните.
-Бев многу изненадена колку луѓе беа заинтересирани и дојдоа да помогнат. Тоа ми даде надеж и уште повеќе ме радува што на децата им се дава пример дека добрината е на прво место. Тие не дојдоа само за Дедо Мраз, туку и за да направат нешто добро. Организацијата течеше одлично, а спонзорства добивме од многу страни без никакви проблеми. Активно работиме и до крајот на годината имаме уште неколку настани коишто ќе ги спроведеме. Здрајве, од следна година сакам да работам и на поголеми проекти, како целосно реновирање на домови на социјално загрозени семејства. Има луѓе кои сакаат да помогнат и финансиски, потребна е само волја, додаде Гиовска.

Сопственичката на ресторанот „Сангрија“, Јасминка Ѓоргиева, во видео изјава за Дума.мк посочи дека најголемата награда за нив вчера покрај собраните средства за помош на семејството бил и детскиот џагор, смеата и радоста што се чувствувале во ресторанот. Исто така, објасни дека денеска Дедо Мраз лично ќе го посети домот на семејството Јовевски и ќе им ги предаде собраните средства, како и три новогодишни пакетчиња за дечињата.
Воедно, ресторанот „Сангрија“ вечерва го одбележува својот четврти роденден и ги повикува сите велешани на роденденска торта и уште многу хумани настани во иднина.

Хуманитарната вечер беше поддржана од Жито Маркети, Спарта Евент Центар, Мики и Мини – Велес, Ресторан Сангрија, Љупчо Мастер Хип, Голди Радио, како и повеќе анонимни донатори.
Со ваквите иницијативи, Велес уште еднаш покажа и докажа дека е хуман град, подготвен секогаш да помогне таму каде што помошта е најпотребна.
Стефани Манева


