Насмевки и радосни детски очи – предновогодишна забава на Ротари клуб „Бели Мугри“ и Фондација „Фокус“ (видео)
Објавено: 22 декември, 2025, во 11:10 часот
Дваесет и четири деца од Велес, на возраст од една до 11 години, од семејства во ризик беа дел од 12-тата Хуманитарна предновогодишна забава организирана од Ротари клуб „Бели Мугри“ и Фондација „Фокус“. Сите заедно два часа играа, пееја и се забавуваа во игротека на традиционалниот настан востановен со цел секое дете во Велес да почувствува дека се ближи уште една Нова година и секако да добие новогодишно пакетче и подарок.

Овој настан особено интересен е затоа што додека децата два часа се забавуваат, пеат и играат им се придружува и Веселиот Дедо Мраз. Неговото пристигнување најавено од новогодишното ѕвоно значи подготовка за добивање на новогодишни подароци што децата веќе ги напишале во писмо и му го испратиле па се во исчекување дали Дедо Мраз го добил писмото и ја прочитал детската желба.


Неуморниот Весел Дедо Мраз е вреден и чита илјадници писма а меѓу нив, годинава, ги прочитал и писмата на овие 24 дечиња од ранливи семејства во Велес. Среќата и насмевките на детските лица немаа граници.

На децата, во името на донаторот – Ротари клуб „Бели Мугри“ Новата година им ја честиташе Трајанчо Николов.
Членовите на Управен одбор на Фондација „Фокус“, Лидија Димова и Ленче Здравкин, исто така упатија честитки за одржување на традиционалниот настан и за претстојните новогодишни и божиќни празници.
Потоа се случи најпосакуваниот дел од забавата поточно фотографирањето со Дедо Мраз и добивањето на подароците и новогодишните пакетчиња. Следеше и договорот дека вгодина повторно ќе се организира детска предновогодишна дружба со збогатување на содржините што ќе ги предложат токму децата. Најавени беа и изненадувања!

Партнер на Ротари клуб „Бели Мугри“ и Фондација „Фокус“ во реализација на настанот е Патронажната служба на ЈЗУ „Здравствен дом“ Велес.
Убавка Јаневска
Фото галерија








