Македонската Армија побројна со 296 професионални војници кои се заколнаа на одбрана на државата и граѓаните (Видео и фото)
Објавено: 16 јануари, 2026, во 14:59 часот
Свечено, 296 нови професионални војници построени во единици на пистата, министерот за одбрана Владо Мисајловски со првите војници на македонската Армија од Генералштабот на бината додека семејствата на војниците со гостите во кордон околу армиската писта. Ваква беше глетката денеска на свечената Заклетва на новопримените професионални војници во македонската Армија, во Командата за обука и доктрини на касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес. Сите го дочекаа државното знаме на Р.С. Македонија по што следеа интонирањето на државната и химната на македонската Армија.
Следуваше давање на свечена заклетва читана од командантот на ЦИО, мајор Џунат Веџиоски.
Свечено дадената заклетва на професионалните војници први им ја честитаа командантот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини, началникот на Генералштаб на Армијата , генерал мајор Сашко Лавчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Професионалните војници пристапија кон потпишување на Свечената заклетва додека со уште поголема возбуда ги очекуваа нивните семејства.



Од своите претпоставени ги добија првите честитки додека од семејствата првите прегратки. Солзите во очите на таткото и особено дедото, 77 годишниот Ристо Јордановски, од кавадаречкото село Сирково, чии што внук кој го носи дедовото име освен возбудата ја прикажаа семејната гордост да се има професионален војник подготвен да ги брани територијалниот интегритет на татковината и слободата на македонските граѓани.
Меѓу 296 професионални војници кои денеска дадоа свечена заклетва има и 26 девојки. Една од нив е велешанка. Таа и нејзиниот колега од Прилеп кажаа зошто одлучија професионалната реализација да ја имаат токму во Армијата на Македонија.
Професионалните војници во април, минатата година, конкурираа на објавениот оглас на Министерство за одбрана и беа избрани на крајот на 2025 година. Тие посетуваат обука од крајот на минатата година во Командата за обука и доктрини на касарна „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес. Сите наскоро ќе станат дел од професионалниот состав на македонската Армија.
Убавка Јаневска


