Во велешко непрооден патот кон село Раштани и тешко се одвива сообраќајот на Долги Рид во општина Чашка
Објавено: 21 јануари, 2026, во 12:23 часот
Според последните информации на Центар за управување со кризи во општините Свети Николе и Лозово сите патни правци се проодни во зимски услови. Во Општина Чашка машините се на терен, но на патниот правец Велес – Чашка сообраќајот се одвива отежнато.
Патиштата во Неготино и Демир Капија се проодни, при што се врши континуирано посолување.
Патниот правец кон село Раштани во Општина Велес е непрооден.
Во Кавадарци и Росоман се врши интензивно посолување и расчистување, а сите патни правци се проодни во зимски услови. Само Општина Кавадарци засега има објавено фотографии од чистењето на патните правци.
Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да патуваат внимателно во текот на денешниот ден, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите, а секако и со соодветна зимска опрема за возилата на повисоките места и планинските превои, бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници.
-Потсетуваме дека луѓето кои живеат во повисоките места навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на пешаците, бидејќи е можна појава на голомразица. Во случај на опасност или потреба, граѓаните да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици 112, апелира ЦУК.
Убавка Јаневска


