Ќе ги отрезнат ли построгите санкции возачите кои возат пијани?! Во Неготино нов случај со 4,31 промили алкохол во крвта и 3,71 промили во урина

Објавено: 20 февруари, 2026, во 14:34 часот

Сто четириесет и четири лица од Неготино биле фатени како управуваат моторни возила под дејство на алкохол, минатата година, во контролите на сообраќајната полиција на територијата на општината. Нивните колеги од  Полициско  одделение за безбедност во патен сообраќај во Кавадарци откриле за 10 помалку. Статистиката на Сектор за внатрешни работи Велес за поднесени кривични пријави „безобѕирно управување со моторно возило“ покажува дека во овие две општини од Вардарски регион биле фатени и исклучени од сообраќај вкупно 278 пијани возачи. Од нив 38 биле лишени од слобода, поточно 27 лица во Кавадарци и 17 во Неготино.

Помеѓу возачите кои пијани седеле зад волан и управувале автомобил  има случај со регистрирани 3,34 промили на алкохол во крвта во Кавадарци и со 3,32 промили во Неготино. Сите фатени возачи се санкционирани и против нив поведени се прекршочни постапки доколку нивото на регистрирано присуство на алкохол во крвта изнесувало до 1,50 промили а над оваа состојба, со кривични пријави.

Поточно Одделение за внатрешни работи  Неготино (ОВР) поднесело вкупно 144 барања за поведување на прекршочна постапка и 17 кривични пријави за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ казниво по член 297-а од Кривичниот законик додека  Одделение за внатрешни работи Кавадарци (ОВР) вкупно 192 барања за поведување на прекршочна постапка и 24 кривични пријави.

Фото: Архива на Дума.мк

Надлежното за кривичните пријави против пијаните возачи во двете општини е Основно јавно обвинителство Кавадарци. Оттаму соопштија дека во 2025 година од ОВР Кавадарци примиле 21 пријава и по нив формирале кривични предмети а против 20 поднесени се обвиненија до судовите во Неготино и во Кавадарци.

„ Само по две обвиненија пресудена е условна казна додека сите останати пресуди се со парична казна која што изнесува од 600 до 1000 евра, во против вредност на македонски денари. Во пресудите изрекувањето на висината на казните е во зависност од утврдената количина на алкохол во крвта. Освен парични на сите осудени возачи им се изречени забрани за управување на моторно возило во времетраење од три месеци до една година. Овие пресуди се донесени во 2025 година. Од годинава, со измените на Казнениот законик, казнените одредби за одредени кривични дела се построги, поточно пропишуваат изрекување на парична казна, трајно одземање на возилата како и задолжителна казна затвор во времетраење и до 10 години за одредени кривични дела,“ соопшти Основно јавно обвинителство Кавадарци.

Фото: Службен весник – измени на КЗ

До него, од почетокот на годинава, ОВР Кавадарци веќе поднело 12 кривични пријави за кои се оформени предмети. Исто така примени се и девет пријави од ОВР Неготино за кои се формирани предмети.

Како што дознава Дума.мк во кавадаречкото обвинителство стигната е пријава со највисок или рекордно утврден промил на алкохол кај возач од Неготино. Тој возел со 4,31 промили алкохол во крвта и со 3,71 промили алкохол во урина. ОЈО Кавадарци води постапка и за овој случај.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.