Велешанецот Звонко Петрушевски е најхуманиот сограѓанин со 100 дарувања на крв – соопштени и останатите добитници на Признанија за 2025-та на велешки Црвен крст

Објавено: 18 март, 2026, во 12:24 часот

Звонко Петрушевски за 100 пати дарувана крв, годинава, прогласен е за најхуман велешанец од страна на Општинската организација на Црвен крст Велес. Во меѓувреме овој наш сограѓанин дарувал уште три пати крв и веќе има 103 крводарувања. Со навршени 63 години живот Петрушевски продолжува со крводарување бидејќи тоа е неговата животна мисија  поточно да спасува човечки животи.  

Петрушевски е работник на  Фабриката за шински возила „Колска“ кој цели 22 години,  по два до трипати годишно, дарува крв  од  крвната група Б позитив. Исто така овој скромен човек редовно се одзивал и на итните повици кога имало потреба од неговата крвна група.

-Во тоа време, во 1984 година, во „Колска“ имаше 550  вработени, а секој втор или трет работник беше крводарител. Имав постари колеги, веќе редовни крводарители кои станаа мои примери за хуманост па затоа и јас станав член на Основната Организација на Црвен крст во мојата работна организација. Оттогаш до денеска дарувам крв. Имав само една пауза од две – три години кога поради здравствени причини бев спречен да дарувам. Штом ми се подобри здравјето повторно продолжив се до денешен ден, рече  Петрушевски.

Неговата порака до велешани гласи: „Штом сте здрави, бидете хумани и да  дарувајте крв, бидејќи секое крводарување спасува човечки живот!“.

На синоќешното одбележување на 17 Март – Ден на Црвениот крст и Ден на крводарителството, Општинската организација на Црвен крст Велес  на свеченост признанија им врачи и на Ангеле Петровски за 75 пати дарувана крв и на Трајче Димовски.

За јубилејните 50 пати дарувања крв признание добија: Благица Давчевска, Славиша Јовиќ, Ивица Пренџов, Тони Трајчев, Сашо Петров, Трајче Шојлев, Миле Петровски, Љупче Станковски, Зоранчо Аскалиевски, Љупче Стојанов.

Меѓу годинешните добитници на годишни Признанија за развојот на крводарителството се и Основното општинско училиште „Лирија“ во село Горно Јаболчиште, каде лани, во оваа населено место во Општина Чашка, за првпат успешно се изведе крводарителска акција и Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ за успешно реализирани крводарителски акции.

Д-р Кевица Клифова, претседател на Општинската организација на Црвен крст Велес на свеченоста потсети дека велешката Општинска оганизација на Црвен крст со години е помеѓу најдобрите во државата. Клифова соопшти дека годишниот план за 2025 година со предвидени 1860 крвни единици бил натфрлен со 204 проценти поточно со собрани 3802 крвни единици и заблагодари на сите крводарители од општините Велес, Градско и Чашка како и на нивните млади  волонтери вклучени во сите акции за крводарување.

– За нас во Општинската организација на Црвен крст Велес, крводарувањето е еден од врвните приоритети.Тоа е темел на здравствениот систем.Крвта е незаменлив лек секојдневно потребна за да се продолжат многу животи.Затоа придонесот на крводарителите е огромен и немерлив, потенцираше д-р Клифова.

На годишната свеченост, за прв пат, се одржа и панел дискусија за крводарувањето модерирана од Весна Басаров со д-р Мери Милчевска трансфузиолог од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Ивица Пренџов од Мото клубот „Носачи на крстот“.  Во дискусијата  се вклучија голем број од присутните учесници со ставови, мислења и споделени искуства за тоа кој се може да биде крводарител, за придобивките по здравјето од крводарувањето и за неговото значење во заедницата и во државата.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.