Здравствените работници на Општа болница го одбележаа нивниот празник со мерење на шеќер и крвен притисок на велешани
Објавено: 7 април, 2026, во 13:09 часот
Сто и педесет граѓани денеска на отворениот едночасовен пункт од страна на здравствените работници на ЈЗУ Општа болница Велес проверија шеќер во крвта и состојба на крвен притисок на платото пред зградата на театарот. Вака болницата го одбележа 7 Април – Светскиот ден на здравјето.

-Кај значителен дел од граѓаните беше регистриран покачен крвен притисок, што дополнително укажува на потребата од поголема грижа за сопственото здравје. Хипертензијата често поминува незабележано, без изразени симптоми, а може да доведе до сериозни здравствени компликации доколку не се открие и контролира навреме, рече д-р Ана Марија Џунџева портпаролка на велешка болница.
Таа додаде дека превентивните прегледи се клучни за рано откривање на многу заболувања, особено хронични состојби како дијабетес и хипертензија, кои често се развиваат без јасни симптоми.

-Со вакви активности сакаме да ги охрабриме граѓаните редовно да го проверуваат своето здравје и навреме да побараат медицинска помош. Грижата за здравјето не треба да започне кога ќе се појави проблем, туку многу порано – преку редовни контроли и здрав начин на живот, рече д-р Џунџева.

Целта на бесплатните прегледи денеска беше поттикнување на свеста на граѓаните за значењето на превенцијата. Превентивните прегледи се клучни за рано откривање на многу заболувања, особено хронични состојби како дијабетес и хипертензија, кои често се развиваат без јасни симптоми.

Здравствените работници на велешка болница, денеска, упатија и порака која гласи „Превенцијата спасува животи“.
Убавка Јаневска



