Полицијата лишила од слобода маж од Долно Караслари и со синот ги задржала во Полициска станица
Објавено: 7 мај, 2026, во 13:09 часот
Педесет и едно годишниот Г.Ј е лишен од слобода, вчера вечер, петнаесет минути пред полноќ затоа што според полицијата „агресивно се однесувал и физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“ додека неговиот син С.Ј (29) го нарушил јавниот ред и мир за време на одржување на верска манифестација.
„На 6 мај 2026 година, во 23:45 часот, во с.Караслари, велешко, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Г.Ј.(51) од с.Долно Караслари. Претходно, за време на одржување верска манифестација во селото, С.Ј.(29) од с.Долно Караслари и Л.Х.(35) од с.Кочилари, општина Градско, го нарушиле јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување и при преземање мерки од страна на полициски службеници, на местото пристигнал Г.Ј., татко на С.Ј., кој започнал агресивно да се однесува и физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицата биле приведени во полициска станица, а по преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека Г.Ј. и С.Ј. биле под дејство на алкохол, односно на Г.Ј. му биле измерени 0,99 промили алкохол во крвта, а на С.Ј. му биле измерени 1,06 промили алкохол во крвта. Тие биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави,“ соопштија од Сектор за внатрешни работи Велес.
Убавка Јаневска




