Две децении зачувување на културното наследство, значаен јубилеј на велешки „Разбој“
Објавено: 15 јуни, 2026, во 09:15 часот
Се формираше со јасна визија и мисија „заштита, афирмација и промоција на македонското културно наследство“, опстои 20 години и покажа дека низ бројни проекти, изложби, работилници, истражувања и културни настани може да се зачувуваат традиционалните занаети, народната уметност, обичаите и историското наследство на Велес и регионот. Годинава, кога го слави, две деценискиот јубилеј „Разбој“ најавува богата програма со повеќе активности што ќе се реализираат во текот на целата година. Ќе има изложби, едукативни работилници, промоции, документарни содржини, средби со истражувачи и носители на традиционални знаења, како и настани посветени на културното наследство на Велес вели за Дума.мк, претседателот Гоце Станчев.
-Дваесет години постоење претставуваат значаен јубилеј и потврда дека нашата посветеност кон културното наследство е препознаена и поддржана од граѓаните. Во изминатиот период вложивме многу труд во зачувување и промовирање на традиционалните вредности, а особено на старите занаети кои се дел од нашиот идентитет. Во годината на јубилејот подготвуваме низа активности преку кои ќе го доближиме културното наследство до сите генерации и ќе покажеме дека традицијата има важно место и во современото општество, додаде Станчев.

Програмата со конкретните активности набрзо ќе биде достапна за сите велешани кои го следат развојниот пат на ова граѓанско здружение, го поддржале, земале учество или биле негови учесници а и гости на спроведените проектни активности вели секретарот на Христијан Саздовски.
-Јубилејот е можност да се осврнеме на досегашните успеси, но и да ги претставиме нашите идни планови. Граѓаните на Велес можат да очекуваат разновидни културни содржини, нови партнерства и проекти кои ќе придонесат за поголема видливост на локалното културно богатство. Нашата цел останува иста – да ги зачуваме и пренесеме вредностите на културното наследство на идните генерации, додаде Саздовски.

Од „Разбој“ упатија покана до сите граѓани, институции и љубители на културното наследство да се вклучат и да бидат дел од активностите со кои ќе се одбележат 20 години успешно работење на здружението.
Дијана Иванова
