Кафка: Рацин е жив поет, глас што и денес не прашува умееме ли да ја живееме болката на човекот и да ја браниме човечноста (видео)
Објавено: 17 јуни, 2026, во 10:31 часот
На полскиот лингвист, славист и македонист, проф. Маќеј Кафка, вчеравечер му беше врачено Почесното Рациново признание за 2026 година. Признанието му го додели градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.

Наградата Кафка ја добива за повеќедецениското афирмирање и промовирање на македонскиот јазик и македонската култура. Тој е автор на бројни научни трудови и книги посветени на македонскиот јазик, книжевност и културен идентитет, а неговите истражувања придонесоа македонските теми да добијат значајно место во европската лингвистичка и славистичка наука.

Добивајќи го признанието, професор Кафка истакна дека Рацин не е само книжевно име, туку симбол на почеток, отпор, достоинство и верба во моќта на зборот. Според него, „Бели мугри“ остануваат светлина што не доаѓа лесно, туку се раѓа од темнината, трудот, болката и истрајноста.
На годинашниот Меѓународен Поетски митинг учествуваа 14 поети кои преку своите стихови градеа мостови меѓу културите и генерациите, потврдувајќи ја трајната моќ на Рациновата поезија. Неговото творештво и денес останува неисцрпна инспирација за многумина кои преку пишаниот збор оставаат сведоштво за времето во кое живеат и творат.
Како и самиот Рацин, кој во време на војни и разурнувања успеал да ги препознае човечката болка, надежта и достоинството, така и денешните поети низ своите стихови ја продолжуваат мисијата на зборот.












63-те Рацинови средби завршија со концерт на Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд а легендарниот македонски актер и кант автор не изостави да испее стихови и од Кочо Рацин.
Амфитеатарот во Младинскиот парк беше исполнет до последно место со почитувачи на ликот и делото на големиот Коста Солев Рацин, кои и оваа година покажаа дека неговата мисла, поезија и порака продолжуваат да живеат меѓу генерациите.
Дијана Иванова


