Велешката пошта доби три нови возила, ќе се подобрат условите за работа и доставата на пратките
Објавено: 19 јуни, 2026, во 13:27 часот
Три нови службени возила доби Подружницата на Македонска пошта во Велес, со што значително ќе се подобрат условите за работа на вработените и ќе се овозможи поефикасна и побрза достава на пратките до граѓаните. Возилата беа предадени на денешната примопредаја на која присуствуваа генералниот директор на Македонска пошта Орхан Куртиси, заменик генералниот директор Николче Угринов и директорката на ЦРПС – Подружница Велес, Виолета Малцева.

Станува збор за донација од Владата на Република Северна Македонија, наменета за модернизација на работењето на Македонска пошта.
Генералниот директор Орхан Куртиси изрази благодарност до Владата за поддршката и истакна дека раководството донело одлука три од новите возила да бидат распределени во Велес.
-Првично сакам да се заблагодарам на премиерот и на вицепремиерот Николовски за помошта што ни ја дадоа. Ние како менаџмент одлучивме за Пошта и Подружница Велес да издвоиме три возила кои ќе бидат користени за потребите на поштата. Според нашите анализи, овие три возила ќе бидат доволни за непречено извршување на поштенските услуги и ќе придонесат за поефикасна и поефективна работа. Очекуваме и други инвестиции во наредните месеци. Ова е првата инвестиција што ја правиме за пошта и полека одиме кон позитивни резултати, рече Куртиси.
Заменик генералниот директор Николче Угринов информираше дека станува збор за најнов модел на возила „Фиат Добло“ од 2026 година, опремени со современа технологија која ќе ја олесни работата на поштенските службеници и возачи.
-Возилата се опремени со климатизација, навигација, сензори и задни камери, со што значително се подобруваат условите за работа и се овозможува побрза и поуспешна испорака на пратките. Тие имаат носивост од 750 килограми, што според нас е доволно за извршување на сите обврски согласно Законот за поштенски услуги, изјави Угринов.
Тој најави и дополнително унапредување на услугите преку воведување систем за следење на пратките.
-Како новитет, во возилата дополнително ќе бидат вградени камери преку кои ќе се следи движењето на пратката од моментот на нејзиното задолжување во пошта, преку транспортот, па сè до конечната испорака. Очекуваме ова значително да го подобри квалитетот на услугите и довербата кај корисниците, додаде Угринов.

Директорката на ЦРПС – Подружница Велес, Виолета Малцева, упати благодарност до менаџментот на Македонска пошта и до Владата за обезбедената поддршка.
-Пошта Велес покрива три општини – Велес, Чашка и Градско, со околу 70.000 жители. Располагаме со 11 пошти, од кои една е договорна. Со новите возила ќе ги подобриме условите за работа на нашите вработени и ќе обезбедиме поуспешна и поефикасна достава на пратките до граѓаните, рече Малцева.

Од Македонска пошта очекуваат новите возила да придонесат за модернизација на поштенскиот сообраќај, подобрување на услугите и поголема ефикасност во работењето на подружницата во Велес.
Убавка Јаневска


