Издумани Крлевизми: „На ременот на сиромавиот постои црвена дупка до која може да го стега ременот“
Објавено: 17 јули, 2026, во 09:01 часот
Секој петок, Дума.мк, издвојува простор за афоризми како уметнички израз преку кои афористичарот Атанас Крлевски, соопштува свое видување за случки и настани коишто го одбележуваат секојдневниот живот на обичниот мал и во исто време голем човек – граѓанин. Еве што Крлевски напиша во изминатите седум дена за читателите на Дума.мк:
„Дволичните, при две лица, се без образ.“
„Кога ќе ја снема љубовта и мирисот на парфемот може да е причина за развод.“
„Во демократијата одлучува мнозинството. Олигарсите може да се и малцинство.“
„Долгата здравица е како аперитив. Го зголемува апетитот.“
„Го изгубил венчалниот прстен. Ништо не е случајно.“
„Потсмевот е храна во нечиста чинија.“
„Неговите книги се еколошки. Завршуваат на рециклажа.“
„На ременот на сиромавиот постои црвена дупка до која може да го стега ременот.“
„Слободата и демократијата се сестри близначки. Еднојајчени!“
„Афоризмот е длабока мисла, не е за плитки луѓе.“
Вашиот,
Атанас Крлевски


