Граѓани со потписи и барање за дислокација ќе се штитат од нередот што им го прави семејство кај велешкото Биро за вработување
Објавено: 11 август, 2026, во 17:36 часот
Се договорија и собраа граѓански потписи на Листа на која што се потпишани 200 жители на Урбана заедница „Богдан Каракостев“ за да го изразат незадоволството од последиците по животната средина и грдата слика што ја создава семејство кое што живее во трошна куќарка на влезот на Велес, на улица „Петре Прличко“, веднаш по удолницата кон Автобуска станица и над зградата на Агенцијата за вработување. Овие велешани отворено говорат за причините на нивната иницијатива со која бараат спас од нередот, смрдеата, глетката со нафрлени парчиња облека на оградниот ѕид од дворот на куќарката, узурпирано зеленило и јавни површини како на удолницата на улицата „Петре Прличко“ така и на игралиштата на брег на река Вардар над автобуската се до парк кај Мало Мовче. Потпишаните граѓани не се сложуваат многубројното семејство,со над 12 деца и осум до 10 возрасни луѓе, да продолжи да живее на сегашната локација.

Овие граѓанки, во име на сите потпишани, констатираа дека им пречи секојдневната глетка на неред, хаос, узурпиран простор како и на малтретирање на коњи кои семејството ги користи за влечење на запрежни коли за што очекуваат Општина Велес да се заложи додека државата да обезбеди похумани услови за живот на сите членови на ова повеќебројно семејство но не под Варналиите. Според незадоволните велешани, нивните барања со потписите, се договориле да ги испратат до Општина Велес и до Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Иако до денеска барањето со потписите во локалната власт и во посоченото министерство не се пристигнати, од Општина Велес одговорија дека за проблемот се информирани. Тоа на 8 јули, годинава, го сторила велешаната Благородна Шопова која што електронски му испратила порака на Градоначалникот Марко Колев на општинската интернет страница. Како одговор пак на новинарските прашања на Дума.мк кои се однесуваа на став за посочениот неред, злоупотреба на јавни зелени површини и настојување да се најде друго место за живот за семејството од општината одговорија:

„Општина Велес ја препознава загриженоста на месното население кај Врналиите и околните згради како и потребата од уредување и одржување на просторот пред и околу Центарот за вработување и автобуската станица и обезбедување на соодветни услови за безбедно и непречено движење на граѓаните. Општина Велес останува отворена за координација и соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и ЈУМ Центарот за социјална работа под чија надлежност спаѓа социјалната заштита, со МВР-СВР Велес, со ЈКП „Дервен“ како и со други институции со цел овој проблем да се решава согласно законските надлежности. Овој проблем бара координиран пристап од повеќе надлежни институции, особено во делот на социјалната заштита, јавниот ред и безбедноста. Во однос на хигиената Општина Велес и ЈКП „Дервен“континуирано преземаат активности за одржување на јавната чистота, согласно годишната програма за одржување на хигиената на јавните површини и улиците. Општина Велес ќе продолжи да постапува во рамките на своите законски надлежности и да иницира и поддржува заеднички активности за создавање безбедна, чиста и уредна јавна средина за сите граѓани.“

Ова многубројно семејство корисник е на финансиски помошти од Министерство за социјална политика,демографија и млади кои му следуваат според закон. Исто така засега тројца негови членови секојдневно добиваат по три социјални оброци од државната народна кујна. Освен лошите услови во кои живее, во извештаите на стручните тимови не се бележат други пропусти што ова министерство законски не им ги овозможило а им следуваат, соопштија од велешкиот Центар за социјални работи.

„Во годишните контроли на тимот на ЈУМ Центарот за социјална работа се констатира дека нема утврдено негрижа од страна на родителите на шестте малолетни деца од кои неколку се запишани на училиште и посетуваат настава. Не е забележано девијантно однесување од нивна страна,“ гласи ставот на овој Центар.
Како што дознава Дума.мк трошната куќарка во која што живее ова семејство е сопственост на државното Акционерско друштво за стамбен и деловен простор. Оттаму прифатија средба за утре, среда, 12 август, на која што ветија дека ќе одговорат на новинарските прашања: дали семејството живее во нивни објект со документи или е вселено на диво, дали плаќа надомест за користење на куќарката или каква законска санкција му следува доколку го злоупотребиле станарското право, зошто досега државата не реагирала на сторениот прекршок и како ќе си го врати злоупотребениот имот.
Убавка Јаневска


