75% од заразените велешани со Ковид-19, во последната недела, се инфицирале на летување
27.08.2020
Анализите на Центарот за јавно здравје покажале дека дури 75% од заразените велешани со Ковид-19, во последната недела, се сограѓани кои се вратиле од користење на годишен одмор во домашните туристички центри и од странство, поточно Албанија.
Досега во Велес се регистрирани 265 заразени, од кои 225 го прележаа вирусот, 26 се сеуште активни и 14 починаа.
Од вкупниот број на активни 19 се лекуваат дома и 7 на Инфективното одделение во Општа болница Велес. Овие информации ги соопшти денеска градоначалникот на Велес, Аце Коцевски по одржување на седницата на Општинскиот Штаб за заштита и спасување.
-Во ЈЗУ Општа Болница, Велес има 13 хоспитализирани лица. Осум од Велес и пет од Свети Николе. Од нив 12 се позитивни и еден е негативен. Десет од пациентите се со лесна клиничка слика додека тројца се на на кислородна поддршка. Сите вработени во ООУ „Васил Главинов” кои имале контакт со наставничката која е позитивна на Ковид-19 се изолирани и на 2 септември ќе се вратат на работа. Од Територијалната противпожарна единица од Велес едно лице се наоѓа во самоизолација поради контакт со член од семејството кој бил позитивен на Ковид-19. Во АРМ нема регистрирани позитивни случаи или лица во самоизолација. .Од СВР Велес не известија дека вршат контрола на 35 лица кои имаат Решение за домашна изолација и не е забележано непочитување на правилата и прописите за што нема казни по тој основ. Во периодот од 14 август до 27 август, МВР на територијата на Велес, издала 181 прекршочен налог за неносење на заштитна маска. Еден полициски службеник е во самоизолација поради контакт со заразено лице од неговото семејство, рече Коцевски.
Градоначалникот додаде дека затоа што угостителите во Велес релативно добро се придржуваат до мерките,нема изречено казни по тој основ.
Општинската организација на Црвен крст, Велес, во периодот меѓу двете седници на ОШЗС, поделила 22 пакети со прехрамбени и хигиенски производи и денеска ќе подели уште осум. Тоа е донација од семејството Етоски кои се по потекло од село Мелница а работат и живеат во Швајцарија. Од понеделник ќе започне делењето на 80 донирани пакети со прехранбени производи и средства за лична хигиена што Општина Велес ги доби од компанијата „КАМ“./У.Ј