Нови волонтери од САД дојдоа во Велес и работеа на седмата зграда на „Хабитат Македонија“
Објавено: 9 ноември, 2026, во 12:03 часот
Волонерскиот тим од САД , деновиве, ги изведуваше завршните работи на седмата зграда во населбата Хабитат во Велес. Волонтерите дојдоа од Илиноис, Висконскин, Флорида и Калифорнија и беа предводени од Рас Крочок. Тие од 2 до 6 ноември, годинава, лепеа плочки, глетуваа, бојадисуваа и изведуваа други работи во внатрешноста на зградата која ќе биде нов дом за 16 семејства од Велес и околината.

Освен што ги изведуваа градежните работи на оваа зграда во веќе создадената „американска населба“ која се наоѓа во новиот дел на Велес волонтерите имаа можност да се запознаат и со културното наследство на градот и на Вардарскиот регион.

Во исто време, со нив на седмата зграда во населбата работеше и главниот оперативен директор на Habitat for Humanity International, Јохан Фернандо.

Тимот оствари средби со извршниот директор на Хабитат Македонија Зоран Костов кој ги презентираше тековните проекти и стратешките планови за развој на организацијата и со членовите на семејства кои ќе добијат нов дом во оваа зграда. Волонтерскиот тим се вклучи и во кампањата „Да ја отвориме вратата“ по повод големиот јубилеј 50 години постоење и работа на Хабитат.
Убавка Јаневска


