Пренџов: Крводарителски акции со 201 дарител се покажување на општествена одговорност за МК „Носачи на крстот“
Објавено: 9 ноември, 2026, во 14:30 часот
Рекордни 201 крвни единици собраа моторциклистите од велешкиот мото клуб „Носачи на крстот“ со гостите, од уште два клуба од Скопје, како и со поддршка од велешани на традиционалната 9-то Ноемвриска крводарителска акција во Велес. Станува збор за акција која што е препознатлива, која годинава се организира по 26-ти пат и е само една активност со хуманитарен карактер, рече Ивица Пренџов претседател на МК „Носачи на крстот“.

-Дваесет и шеста крводарителската акција е, во чест на денот на градот, 9 Ноември, во соработка со ОО на Црвен крст Велес, Општина Велес и Трасфузиологија од Скопје. Таа е дел од програмата за одбележување на празникот на општината. Акцијата има голем одзив како и априлската значи со две поголеми акции успеваме да собереме, годишно, по 400 крвни единици во Велес. Тука се нашите колеги од мото клубовите „Црни“ и „Ноу лимит“ од Скопје. Ништо не е тешко да се организира што претставува општествена одговорност и секако ние освен овие две акции правиме и други хуманитарни за што би рекол дека се трудиме да направиме се што можеме за градот,“ додаде Пренџов.


Крводарителската акција се одржа во фоаје на Театар „Јордан Х.К Џинот“ и траеше седум часа. Во текот на реализацијата постојано доаѓаа граѓани и даруваа крв. Според секретарот на велешки Црвен крст, Орце Николов помеѓу 201 крводарител, вчера, за прв пат крв дарувале 11 граѓани. Николов додаде дека станува збор за најмасовна крводарителска акција во Велес со еден крводарител повеќе од пролетната кога МК „Носачи на крстот“ како организатори собраа 200 крвни единици.
Убавка Јаневска
