Панче Иванов: Казна за работодавачот, обештетување за работникот
„Планот за живот во Македонија“ обезбедува повисоки плати за достоинствен живот на сите граѓани. Минималната плата во сите сектори ќе ја зголемиме на 12 илјади денари, до април наредната година,ќе воведеме буџетска финансиска поддршка за текстилната и кожарската индустрија, најави кандидатот за пратеник на СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија, Панче Иванов од Велес.
– Нашата цел е минималната плата од 16 илјади денари до крајот на мандатот и просечна плата од 30 илјади денари. Во законот за минимална плата, нема да постои одредба за опомена на работодавачот при непочитување на обврските кон работникот. Директно ќе стои одредба за казна кон работодавачот и обештетување на работникот. Воведуваме поправеден персонален данок на доход (дополнителната стапка ќе биде само за граѓаните во највисоките 5% од доходот), ја укинуваме максималната горна граница за плаќање на придонесите на плати, воведуваме повисок данок на имот за најбогатите и повисока стапка на акциза за луксузни возила. Посиромашните навистина ќе плаќаат помалку од богатите. Примената на сите овие даночни промени ќе започне во 2018 година, рече Иванов.
Иванов рече дека кај граѓаните ќе има повеќе пари со тоа што на секој ќе му се вратат 15 проценти од платениот данок на додадена вредност, освен данокот кој што ќе биде остварен при купување на луксузни производи. Тој најави систем кој ќе спречи злоупотреби и уште поголемо раслојување./Д.С