Полицијата има осомничен за нападнатите и ограбени велешанки
Објавено: 14 јули, 2015, во 13:26 часот
Триесет и едногодишниот Е.Ј. од Велес е човекот кој ги напаѓал и ги ограбувал жените низ градските улици. Тој во периодот од септември минатата година до јули годинава извршил голем број кривични дела тешки кражби од кои полицијата досега расветли 18. Според податоците од полицијата, осомничениот маж напаѓал на различни локации во градот но најчесто во централното подрачје како и на Градските гробишта во црквата „Св. Спас“. Најчеста мета му биле жените и тоа повозрасните од кои ги земал чантите и паричниците што со себе ги носеле.

Е.Ј не бирал време кога да нападне, тоа го правел и дење и ноќе. За да дојде до пленот употребувал сила, ги туркал и ги тегнел жените па дури ги легнувал и на земја. Од украдените чанти и паричници ги земал само парите и златниот накит доколку го има внатре во нив, а потоа ги фрлал.

„Останатите предмети и документи кои се наоѓале во чантите ги фрлал во река Вардар , во парковите низ градот или ги сокривал во напуштени куќи. Дел од одземените и пријавени се пронајдени и истите се вратени на оштетените, реча портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска.
Инаку осомничениот е регистриран наркозависник и е познат сторител на тешки кражби. Уште како малолетник бил под засилен надзор а досега му биле изрекувани 4-5 условни затворски казни. Но тоа не го спречило континуирано да напаѓа и ограбува граѓани на Велес. Само во последниве два месеци осомничениот на дрзок начин нападнал и ограбил четири жени на возраст од 49 до 78 години.

Засега не е утврдена целокупната вредност на материјалната штета што ја направил осомничениот Е.Ј. По целосно документирање на случајот полицијата ќе му поднесе соодветна пријава./Д.С


