Започна доградбата на училиштето во велешко Сливник

Објавено: 9 јули, 2015, во 14:55 часот

Се доградува подрачното основно училиште „Васил Главинов“ во велешкото село Сливник. До стариот објект во кој имаше само две училници и едвај ги собираше учениците, сега се градат уште три нови простории. Осумдесетината ученици од прво до петто одделение нема повеќе да се стискаат во старите тесни училници во две смени. Сега ќе бидат растеретени и ќе учат само во една смена. Денеска во надзор на градежните зафати беше министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми. Тој се надева дека новите училници ќе бидат готови до стартот на новата учебна година, но ако не се направат до септември за децата ќе се обезбедел друг објект.

„Се доградуваат три нови простории и придружни објекти за котлара. Понатаму ќе се реконструира и стариот објект и ќе биде една целина. Се надевам дека од септември овдешните ученици ќе учат во подобри услови и ќе имаат поквалитетно образование. Претходно веќе дадовме согласност за вработување на еден наставник по одделенска настава“, рече Министерот Адеми.

Доградбата на старото училиште се реализира откако лани имаше бојкот на наставата на стартот на учебната година. Тогаш родителите, незадоволни од условите за одржување на наставата, еден месец не ги пуштија децата на училиште. Бараа министертсвото да им изгради ново училиште во кое децата ќе ги имаат истите услови како нивните врсници во градот.

„Со изградбата на трите нови училници ќе се реши еден голем проблем за учениците од прво до петто одделение. Но ако се планира ова училиште да стане деветолетка, тогаш повторно ќе се соочиме со истиот проблем, и овие простории нема да бидат доволни“, рече раководителот на подрачното училиште Ќемал Муса.

Трите нови училници и придружните објекти министерството ќе го чинат пет милиони и триста илјади денари. Надлежните во иднина планираат училиштето да стане деветолетка и во него настава да следат учениците од селата Сливник и Бузалково./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.