Саем на виртуелни училишни компании во економско училиште
Објавено: 7 мај, 2014, во 13:04 часот
Туристичка агенција, салон за убавина, сметководствено биро. Ова се само дел од компаниите кои денеска учествуваа на саемот на виртуелни училишни компании во средното економско училиште Јовче Тесличков. Учениците во пракса го покажаа тоа што го учеле во текот на годината. Склучуваа договори, регистрираа фирми, отвораа жиро-сметки, тргуваа на пазарот, покажувајќи ја својата креативност преку подготовка на штандот, преку изработка на документи и рекламни материјали.
Учениците велат дека на овој начин можат многу полесно да ја применат теоријата во пракса.
„Ние сме виртуелна компанија која се занимава со цвеќе, значи вршиме набавка, продажба на цвеќе во цвеќари, декорираме за разни свечености и слично.“
„Ние сме виртуелан компанија која се занимава со хотелиерство. Имаме претставништва во Париз и Лондон и вршиме сместување на гости, клиенти во тие хотели. Работиме во вистински услови, единствено парите се виртуелни.“
„Се занимаваме со убавина. Имаме салон во кој на клиентите им ги нудиме своите услуги. Секако имаме и фактури и деловни книги на кои ја водиме евиденцијата. Овој саем е многу добар бидејќи на мошне ефективен начин го преточуваме нашето знаење во пракса, која во оваа професија е многу важна. “

Целта на саемот на компании е учениците во виртуелните компании да го ефектуираат своето знаење заводење бизнис, при што се стекнуваат со практична работа, која веднаш можат да ја применат во реалниот свет.
„Не се кое средно училиште има можност и им нуди на учениците ваква пракса во текот на наставната година. Се трудиме заедно со професорите да им го пренесеме знаењето кое на овој начин наједноставно и најефектно можат да го пренесат во пракса, рече Нада Јовановска, директор на ССОУ Јовче Тесличков.
Саемот на училишни компании е долгогодишна традиција во средното економско училиште. Преку него, учениците не се стекнале само со практични знаења туку и со бројни награди од светот на бизнисот./Д.С

