Наместо во фирмите откупувачи, тутунот од велешко ќе заврши кај прекупци!

Објавено: 4 февруари, 2014, во 13:55 часот

Прекупци го намирисаа вишокот тутун во Овчеполието. Наместо откупните центри, деновиве непознати луѓе од Арачиново одат по селата и по 160 денари од килограм го откупувааат вишокот тутун. Тутунарите бараат помош од државата бидејќи родот кој годинава е богат ќе мора да го продадат на црно.

– Не ги знеме кои се, но доаѓаат, некои даваат 140, некои 150 до 160 денари за килограм тутун. Не сакаме да го даваме, но ќе ни остане па мораме, ако за него нема да земеме субвенции од државата, вели тутунар од Каратманово

Стотици тони тутун веќе скапуваат во амбарите и во велешко Оризари. Речиси секој жител во селото произведе двојно па и тројно повеќе од она што може да го предаде на фирмите откупувачи. И тие бараат решение и помош од државата.

– Молиме, молиме за помош. Овие луѓе сите живеат од тоа, а годинава произведоа повеќе па сега наместо да се спремаат за новата реколта, се уште не знаат каде да го дадат тутунот. Треба ли да се фрли во ѓубре оваа мака? вели Сабедин Асановиќ, тутунар од с.Оризари

Дел од нив пак се жалат дека самоволието на откупувачите оди до таму што не ги почитуваат роковите за откуп на тутунот за кои имаат потпишано договор.

– Едниот рок беше на 26 декември, а вториот на 24 јануари. Тие поминаа, а јас немам предадено ниту килограм во струмичка Алијанса со која имам договор и каде што секојдневно се јавувам, а одговорниот ми вели да не одам во откупниот центар оти има гужва и не ќе може да го предадам тутунот.  Се е тоа на моја штета, ако ми беше втора класа, сега од стоење е скапан и ќе го проценат на четврта, вели Менсир Бахчев, тутунар од с.Оризари.

На почетокот на откупот тутунарите се жалеа на нереална проценка, по тоа започнаа гужви пред откупните центри бидејќи фирмите не ги почитуваа роковите за откуп. Ја обвинија државата дека нема стратегија и најавија дека ќе превземат порадикални мерки./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.