Кавадарци го превзема индустриското лидерство во Вардарскиот регион
Објавено: 25 октомври, 2013, во 17:15 часот
Бизнисмените и општините развојот на Вардарскиот регион го планираат преку намалување на транспортните трошоци, поевтини енергенси, подобрување на патната инфраструктура, забрзување на административните постапки од страна на општините за носење на ДУП-ови за изградба на индустриски зони, дефинирање на мерки и надлежност за привлекување на потенцијални инвеститори и изградба на локални патишта во секоја општина одделно.
Тие своите очекувања ги соопштија на денешното отворање на канцеларијата на регионалната Стопанска комора на Македонија во Кавадарци. Ги предочија и проблемите.
– Ние сме мала земја и потребен ни е извоз. За да се зголемува потребно е создавање на конкурентни услови поточно намалување на трошоците кои ќе ја зголемат конкурентноста на нашите производи. Пред се мислам на инфраструктурата и енергетиката. За овој регион кој е прв по извоз во Македонија потребно е комплетно средување на целокупната траса на Коридорот 10, патниот и железничкиот сообраќај, потоа трасата кон Дуброво по која треба да стигне гасот за да ги намали трошоците на компаниите, рече Бранко Азески, претседател на СКМ.

Во Вардарскиот регион реалниот сектор учествува со 57 % во БДП-то. Компаниите во Кавадарци како Кожувчанка, Фени, ИГМ, Тиквеш, Стоби се водечки компании кој учествуваат со 7 до 8 % во вкупниот извоз на државата. Овој регион континуирано се карактеризира со суфицит во надворешно – трговската размена. Лани компаниите извезле производи во вредност од вкупно 700 милиони долари наспроти увезените во висина од 500 милиони долари. Суфицитот изнесува 200 милиони американски долари што споредено со 2005 година бележи раст од 110 насто.
– Отворената канцеларија на Стопанската комора на Македонија во Кавадарци ќе ни овозможи подобра комуникација и соработка како на локално така на регионално па и национално ниво. Особено за остварување на нашата цел или привлекување на странски партнери и инвеститори, рече Митко Јанчев сопственик на „Кожувчанка“.
Водечка извозно орјентирана компанија во Вардарскиот регион е „Фени индустри“. Компанијата во изминативе седум години за четири пати го зголемила производството. Се почесто странските инвеститори се заинтересирање за отворање на индустриски капацитети во општината./А.Д


