За 30 отсто поскапе престојот на децата и во градинката во Свети Николе
Објавено: 10 март, 2026, во 13:35 часот
Родителите на 387 деца што престојуваат во Детска градинка „Рахилка Гонева“ во Свети Николе од 1 април ќе плаќаат 2000 наместо досегашните 1.490денари. Покачувањето за 510 денари е поради рентабилност и подобрување на условите за престој на децата, објасни директорката Билјана Владева Миланова.
Според директорката цената се покачува за прв пат по 22 години и покрај повеќекратното досегашно зголемување на трошците за храна и одржување на просторот.
-Мора да бидеме усогласени со правните прописи и задолженијата во кои се бара од вкупните средства што се собираат од родителите од месечните уплати за престој да бидат процентуално поделени, односно најмалку 65 % треба да бидат за прехранбени производи за исхрана на децата, а остатокот од 35 % за материјални трошоци. Во моментов градинката треба да остварува максимален приход од 576.630 денари, но реално се движи од 320 до 550 илјади денари месечно, во зависност од бројот на децата што присуствуваат во градинката, кој зависи од месеците со годишни одмори. Со новото покачување, ќе имаме збирно 774 илјади денари, меѓутоа тоа е во максимални услови на наплата. И тогаш ќе дојдеме до таа формула и проценти од 65 % што ги плаќа градинката за храна, а останатите 35% за материјални трошоци“, објасни Владева Миланова.
Одлуката за покачување на месечниот износ на надоместокот на трошоците за престој на децата во градинка кои ги плаќаат родителите ја донесе Советот на Општина Свети Николе.Општината е основач на установата. Според донесената одлука 2.000 денари ќе плаќаат децата до 6-годишна возраст во целодневен престој и децата со над 6- до 10-годишна возраст за престој и исхрана, додека за полудневен престој за деца до 6 години ќе се плаќа 1.135 денари месечно.

Убавка Јаневска



