Човечки живот или рампи, што е повредно за Македонски Железници, прашуваат жителите на Превалец
Објавено: 9 септември, 2013, во 19:08 часот
Со замислен поглед и тага во душата, седумдесет годишната Слободанка Илиевска, секој ден го очекува својот сопруг Атанас Димовски да се врати од продавница. Но него го нема, веќе половина година, откако возот го згази на железничкиот премин во центарот на населбата Превалец. Ја затекнавме на прозорецот од семејната куќа која се наоѓа на едвај педесетина метри од кобното место. Слободанка се уште не верува дека го изгуби животниот сопатник токму на железничкиот премин кој како и во годините наназад и тоа утро го премина за да си купи кутија цигари.
– Тоа немаше да се случи ако на железничкиот премин не ги извадија рампите. Преминот во овие девет месеци не е безбеден. Атанас само што закрепна од изливот и потешко се движеше. Тоа утро не успеал да го види возот кој многу брзо се движел, а и местото овде не е прегледно. Од тунелот до преминот има остра и непрегледна кривина. Многу ми е тешко, го изгубив својот животен сопатник. Се плашам за себе си, но најмногу за безбедноста на моите внуци, рече Слободанка Илиевска.
Таа категорично тврди дека железничкиот премин на пругата Велес – Битола мора да има рампи.Така мислат и соседите Пенчо, Никола, Петре и Трајче кај кои револтот од загинувањето на Атанас се уште не стивнал. Исто како и на денот на протестот кога излегоа сите жители на населбата така и денеска велат дека не може човечкиот живот да е поскап од извадените рампи.

– Тоа беше петта несреќа на овој премин. Претходно воз смачка југо а возачот едвај спаси жива глава. Со тешки повреди помина возач на камион од Радовиш, а слична судбина имаа и две деца на мотор. Па според ова има ли логика тврдењето на Македонски железници дека ова е безбеден премин, рече Пенчо Дервишов, жител на населбата Превалец.
Во оваа населба живеат 1200 граѓани. Железничкиот премин на кој рампите се извадени пред девет месеци , најмалку два пати дневно го минат 300 ученици. Преку него секојдневно преминуваат илјадници жители од околните населени места , но и стотици камиони и цистерни кои превезуваат плин и нафта за потребите на општина Чашка.
– Пред да загине Атанас, цистерна на фирма за превоз на нафтени деривати полна со 25 тони плин за десетина метри избегна удар од воз. Замислете што ќе се случеше во таков судар. Цела населба ќе ја дигнеше во воздух и ќе ја снемаше од географската карта, рече Дервишов.

До пред седум месеци овој железнички премин имаше рампи. Јавното претпријатие ги отстрани и наместо нив постави светлосна и звучна сигнализација. Образложението на Македонски Железници дека сега преминот е обезбеден според европски стандарди, создаде револт кај жителите на Превалец. Не го прифати и градоначалникот Славчо Чадиев. Тогаш тој застана на страна на жителите и ги поддржа нивните барања, на преминот да се врати чувар заедно со безбедносните рампи.
– Сметам дека овој фрекфентен регионален пат има потреба да биде обезбеден и со физичка бариера – рампа, но тоа не е наша надлежност, тоа е во надлежност на Македонски Железници. Ние ќе продолжиме заедно со Урбаната заедница и жителите на Превалец да преговараме со надлежните да се зголеми безбедноста на овој премин затоа што е во центарот на населено место, рече Чадиев.
Ставот на градоначалникот е спротивно дијаметрален со одговорните во јавното претпријатие. Тие се убедени дека поставиле најмодерен сигнално-сигурносен уред која дава звучна и светлосна сигнализација кога возот се приближува.

– Значи рампите се извадени заради модернизација што ја правиме во железничкиот систем. Најдобро би било кога патот и пругата не се вкрстуваат, а во богатите држави тоа се прави со надвозници и подвозници, но кога мора да се вкрстат се применува решението како за Превалец, или модифицирано со полубраници, – писмено одговори Петар Спасовски од Македонски Железници – Инфраструктура.
Од таму тврдат дека преминот кај Превалец е обезбеден со најмодерен сообраќаен уред, а граѓаните треба само да се навикнат на него. Жителите на населбата не го променија својот став дека преминот со звучна и светлосна сигнализација е небезбеден. Нив ги поддржуваат и возачите на цистерни и камиони.
– Овие луѓе се во право. Ќе настрадав и јас ако во последен момент не го слушнав возот, закочив на метар пред преминот бидејќи кога доаѓате од правец на Велес и возите кон Чашка, тешко се забележува светлосниот сигнал. Сонцето ви удира во очи. А од спротивна страна пак ми се случи да бидам во колона од возила долга еден километар, затоа што сигналите работеа како да ќе дојде воз, скоро половина час, кога на возниот ред на МЖ не постои таков воз. И сите го знаевме тоа, но ниту еден од возачите не се осмели да премине, додека не се исклучи сигналот, а тоа често се случува тука, рече автопревозникот Стојан П.

И денеска жителите бараат да се вратат рампите назад и тврдат дека Јавното претпријатие не ги поставува поради посебен приклучок за струја кој треба да го плати за да постави електрични рампи какви што има на останатите премини во Велес. Тоа се три премини и се дел од железничката пруга од Скопје за Гевгелија. Сите се во центарот на градот. На два од нив има електрични, а на третиот и најфрекфентен, железничар ги спушта и ги крева рампите. Но и тука ситемот знае многу често да откаже. Додека од Македонски Железници велат дека причина за тоа биле кражбите на електричните кабли, граѓаните тврдат дека има проблеми во безбедносниот системот кој откажува на високи и ниски температури.
Статистиката покажува дека во земјите на ЕУ има вкупно 120 000 железнички премини кои се обезбедени со светлосна и звучна сигнализација и рампи, додека со полубраници се обезбедени половина од нив. Првите железнички премини се наоѓаат на фрекфентни патишта додека вторите на патни правци со помал интензитет на сообраќај.
Ако во Европа Андреевиот крст, звучната и светлосната сигнализација се поставуваат само на премини кои се наоѓаат на селски патишта, во Македонија нив ги има на преминот во центарот на населбата Превалец. А на истата пруга еден километар подолу постои премин, пред селото Оризари, на кој нема никаков безбедносен уред. Состојбата е слична и на железничкиот премин пред поранешната фабрика за порцелан и керамички плочки Порцеланка. За среќа на овие премини досега не се случила сообраќајна несреќа со фатални последици како во Превалец.

Кој ја сноси одговорноста ако загине човек на необезбеден премин? Според Законот за сообраќај, машиновозачите не одговараат, бидејќи шинските возила имаат предност пред сите па и пред луѓето. Во железничка несреќа не одговара никој, па дури ни Јавното претпријатие кое стопанисува со целата железничка инфраструктура.
Машиновозачите пак кои се најдиректните сведоци на ваквите несреќи, не сакаат јавно да зборуваат и да одговорат на прашањето, дали се чувствуваат безбедни додека го управуваат возот на премин без рампи. Само немо ја вртат главата, оставајќи простор да претпоставиме низ што се поминуваат кога ќе се најдат во таква ситуација.

Не им е лесно ниту на машиновозачите ниту на оние кои ги загубиле своите најблиски во железничка несреќа. За Слободанка Илиевска сега воопшто не е важно кој е крив и дали некого го гриза совеста. Нејзе сопругот нема да и се врати.
Даниела Саздова
Истражувањето е поддржано од CIN SKUP Makedonija во рамките на проектот „Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување“


