Влагата во почвата добредојдена за земјоделските култури!
Големите врнежи во втората половина од зимата и почетокот на пролетта, овозможија надополнување на влагата не само во ораничниот слој туку и во подлабоките слоеви на почвата во која подолго време се чувствуваше недостиг на влага, неопходна за нормален развој на земјоделските култури, велат земјоделските инжинери.
Потребата од влага во овој период е најголема за овошките и виновата лоза бидејќи почнуваат со вегетација, со цветање и листење а потрошувачката на вода од почвата е огромна. Водата е особено значајна за крошните и гранките. Исто така и есенските посеви продолжуваат со развој за што им е потребна висока влага во почвата.
Во овој момент скоро на сите површини под житни култури има доволно количина на влага се до зреењето. Ако се земе во предвид дека влажноста во почвата според, последните мерења на терен на Управата за хидрометеоролошки работи, покажуваат резултати какви сме немале во последните 4 години единствено потреба од нови врнежи би имaло кон средината на мај кога е цветањето, оплодувањето и налевањето на зрното лебното жито.
Во овој период од развојот на пченицата коренот има можност да зема вода и од подлабоките слоеви на почвата, сепак, големата влага го забрзува процесот, со што ќе се надминат евентуалните топлотни бранови во почетокот на јуни кои кај нас станаа честа појава, а кои можат да предизвикаат големи штети со сушење на зрната и предвремено зреење.
Уште подобри и поквалитетни приноси би можеле да се очекуваат ако падне уште еден дожд во текот на месец мај./Б.Н.Т