Ќе се урива старата и гради нова капела во велешката болница!
Мртовечницата во велешката болница ќе се урива и на нејзино место ќе се гради нова.
Ова денеска го најавија директорот на болницата и заменик министерот за здравство кој велат дека вкупната површина на капелата ќе биде 40 м2, а за тоа ќе се потрошат 27 илјади евра.
„Целта е да ги има сите европски стандарди и се надевам дека таа ќе функционира добро во рамки на целата болница. Ќе се доведе комплетен водовод и канализација до неа“, рече Атанас Василев, директор на болница.
Инаку засега мртовечницата изгледа како шупа која не ги задоволуваше хуманите стандарди. Нема ниту струја и вода, а мртвовцитележеа на под во ѓубре и медицински отпад. Поради ова ниту погребалните претпријатија не сакале да ги изнесуваат мртовците па роднините сами ги пренесувале.
„Поранешната капела е стара 45 години и до сега никогаш не е реновирана, па за тоа одлучивме да ја урнеме старата и да изградиме целосно нова мртовечница“, рече Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
Надлежните ветија дека до крајот на летото ќе биде готов новиот објект. Иако денеска најавија дека почнува рушењето на стариот објект на терен беше очигледно дека градежниците ги вадеа тулите, а по завршувањето на настанот на кровот ги враќаа извадените керамиди бидејќи во просторијата имаше мртовец. Неофицијално градежните работи треба да почнат од понеделник, а како привремена капела ќе се користи монтажна гаража.\Б.Н.