Зимските вируси повторно ги напаѓаат најмладите!
Детското одделение при кавадаречката болница и натаму е полно.
Зимските вируси кои нападнаа по најмладите се причина за проливи и бронхопневмонии. Едни си заминуваат, а веднаш доаѓаат нови пациенти велат од детско одделение.
“Овие вируси можат да предизвикаат за жал и доста лоша клиничка слика. Во светот веќе се дава вакцина против рота вирусот кој е најчест причинител на проливи во раната детска возраст. Покрај тоа што го напаѓа цревниот тракт рота вирусот го напаѓа и респираторниот тракт така да имаме комплетно болни деца. Ретко кое од децата избегнува да не му биде зафатен и вториот тракт, да остане само со проливи или само со инфекција на дишните патишта и тоа обично бронхопневмонии. Едни легнуваат, други стануваат. Ова се случува особено во нашиот регион. Во општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија има зголемен број на болни од оваа вироза. Според моите сознанија во некои други болници вирусно болни има помалку“ рече примариус д-р Лидија Димитрова, началник на детскиот оддел.
Лекарите препорачуваат децата да се држат понастрана од настинати и болни и да се избегнуваат масовни собирања.