Адвокатот од Велес заработи кривична пријава за измама!
Се зголемува бројот на откриени фалсификувани уплатници во велешкиот суд. За случајот се заинтересира и полицијата кај која сите траги водат кон еден ист адвокат од Велес.
За ова дума.мк веќе пишуваше од извори од судот кои потврдија дека адвокатот на уплатници за судска такса наместо 480 уплаќал само 80 денари. Четворката ја допишувал отпосле, со пенкало.
Пред неколку дена судот откри триесетина фалсификувани уплатници, а кога за случајот се заинтересираа и инспекторите откриени се вкупно 79 уплатници. Со ваквиот начин на уплата во банка адвокатот успеал да заштеди повеќе од 500 евра, пари кои требало да легнат на сметка на Основен суд Велес. СВР Велес денеска поднесе кривична пријава за измама во службата. Инаку станува збор за уплатници кои се поднесувале заедно со тужби против ЕВН за наплата од 6 денари на име на манипулативен трошок.
