Рикер: Решението за спорот заедно да го најдат Македонија и Грција
Кореспондира со ставовите на Вашингтон, повторната препорака на Европската комисија – Македонија да започне пристапни преговори за членство во Европската унија, изјави американскиот заменик помошник – државниот секретар Филип Рикер.
„Тоа во многу што е и политика на САД и нашата политика и дипломатија ја насочивме да и помогнеме на Македонија да се придвижи во таа насока, на патот на целосна евроатлантска интеграција”, рече Рикер.
Како што јави Гласот на Америка на македонски Рикер на брифинг за развој на регионтот, за проблемот со името, го повтори добро познатиот став: САД, ОН и други инстанци може да помогнат и да ја поддржат, но Македонија и Грција треба да седнат заедно и да најдат решение.
„Уште еднаш, се работи за дијалог. За работењето на изнаоѓање на решение е потребно извесно ниво на посветеност, волја и одлучување, кои се вашите приоритети? САД или кој и да е друг надворешен фактор не можат да ги донесат таквите одлуки, тоа треба да го одлучат двете земји, каде лежи приоритетот? Ако имате цел, што треба да сторите за да ја постигнете? Не е голема филозофија, но навистина е потребна посветеност, лидерство и заложба”, рече Рикер.