И по шеснаесет години: Кожуф без граничен премин!
Жителите од подкожувските села очекуваат препород со отворањето на граничниот премин Пулево а тој сеуште е само проект на хартија. Идејата за отворање на овој граничен премин кон соседна Грција е многу стара, а во последнава деценија е се понагласeна. Проектот, граничен премин на планината Кожуф, на македонската влада и беше испратен во далечната 1996 година, кога Конопиште стана општина. Пет години подоцна стигна одобрувањето но, до денеска преминот не профункционира.
Деновиве, граѓани, ни испратија фотографии од караулата во Пулево од кои се гледа очајната состојба во која се наоѓа објектот. Со нив тие сакаат да ја потсетат државата на даденото ветување пред единаесет години кое до денеска останало неисполнето.
Пулево е најповолното место за премин на планината Кожув бидејќи е лоциран на мала надморска височина која овозможува нормално одвивање на сообраќајот и во зимскиот период. Најблиско населено место од грчка страна е Соботско, во општината Воден. Оваа општина е партнер на Кавадарци во постапките за аплицирање проекти пред фондовите на ЕУ, во делот на пограничната соработка. Воден има своја канцеларија во Брисел за контакти со ЕУ и настојува да му помогне на збратимениот Кавадарци да добие европски пари. Проектот за кој особено лобира Воден е токму отворањето на граничниот премин Пулево. Овој и проектите со кои Кавадарци сака да ја развие соработката со градови од областа Пела, во соседна Грција, со пари од пристапните фондови на ЕУ чинат 3,5 милиони евра.