Коронавирусот стивнува, нови количини вакцини пристигнуваат во земјава
Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека во следните седум дена можеме да очекуваме да стигне нарачаната количина од 500 илјади дози на „Синовак“.
-Добра вест е дека тоа што е одделено како количина за нашата земја е во спакувани кутии со шприцеви, што го олеснува процесот за имунизација. Оставам резерва тоа да се промени, гледате со што се соочуваме, но верувам дека оваа најава ќе се оствари “, кажа Филипче.
Од вчера започна и вакцинацијата на сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид 19, на возраст од 20 до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30 април 2021. Заклучно со утре треба да се вакцинираат лицата во ризик во кои се опфатени повеќе од 40 дијагнози или повеќе од 10 групи на дијагнози кои беа одредени како ризични од страна на Универзитетските клиники и граѓанските здруженија, како кардиоваскулаторни, респираторни, бубрежни, ендокринолошки, малигни, невролошки и останати заболувања и состојби.
Министерот исто така изјави дека утре треба да пристигне одговор од Европската комисија во врска со тоа како точно треба да дејствува Бугарија и дали може да донира или продава дози. Тој додава дека Бугарија главно сака да донира вакцини на „АстраЗенека“.
Грција ќе достави вкупно 40.000 дози вакцини против Ковид-19 на Албанија и Северна Македонија, изјави денеска портпаролката на владата на земјата.