Обрасци од кои зјаат лични податоци, се достапни за сите граѓани кои вадат нови пасоши,лични карти и возачки дозволи во Велес (фото)
Стотици образци со фотографии и лични податоци има насекаде околу столчињата на кои граѓаните на Велес,Чашка и Градско, се фотографираат за лични документи во објектот на Отсекот за управни работи на МВР сместен во зграда до Пожарната во Велес. На документите кои се натрупани едни врз други можете да препознаете сограѓани од фотографиите, да прочитате нивни матични броеви и улици каде се наоѓаат нивните домови.
Пред да кликне фотографскиот апарат, освен ваквата глетка, дополнително ве оптоварува љубезната молба на службениците од овој Отсек да се поместите лево или десно што најверојатно е поттикната од фактот во вашата фотографија да не влезе некоја пренатрупана кутија со документите. Ова го раскажуваат граѓаните на новинарите во Велес кои и сами биле сведоци при потреба да извадат нови лична карта, пасош или возачка дозвола.
Во малиот и тесен простор на објектот, во кој во иста сала се фотографирате за трите лични документи но на различни столчиња, нема место за движење. Таму уште од влезна врата ја чувствувате прашината што заедно со стотиците картонски кутии и документи ве доведува во состојба на кашлање. И токму кашлицата е причина да ставите маска затоа што околу вас има најмалку уште 30 граѓани кои дошле за истата цел како и вие. И веднаш се наметнува логичното прашање дали граганите кои вадат документи и вработените во овој отсек на МВР во Велес работат во хумани услови?
На прашањата на велешани кои реагираа на ваквата глетка, особено на тоа дека читаат нечии лични податоци, Дума.мк побара став од Министерството за внатрешни работи. Од таму соопштија дека одамна работеле на решавање проблемот со тесниот простор во Отсекот за управни работи Велес.
„Отсекот за управни работи Велес веќе долги години работи во објект кој е во сопственост на Општина Велес. Поради зголемениот обем на работа, МВР на РСМ изминатиов период интензивно работи на изнаоѓање на решение за зголемување на просторните и човечките капацитети, а во таа насока во тек се разговори помеѓу МВР на РСМ и локалната самоуправа Велес за изнаоѓање на погодна локација и трајно решевање на просторниот проблем,“ одговорија од министерството.
На вака дадениот став од МВР, Дума.мк, пред шест дена испрати новинарски прашања и до службата за односи со јавност на Општина Велес. Од таму до објавувањето на информацијата не одговорија дали локалната самоуправа располага со соодветен објект во кој би го преместиле Отсекот за управни работи на МВР во Велес.
Инаку, Дума.мк за овој проблем пишуваше пред 7,5 месеци. Од тогаш до денеска повеќе од очигледно е дека за состојбата нема решение.
Убавка Јаневска