Трендафилов: Не ви се плашиме, ќе дојдеме пак! (фото и видео)
Објавено: 14 март, 2026, во 15:58 часот
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов со претседателите на гранковите синдикати ги пречекаа денеска пред синдикалната зграда во Скопје сите работници кои дојдоа од внатрешноста на Македонија за да учествуваат на „Протестот за повисоки плати“. Десет автобуси и голем број на минибуси ги донесоа работниците во Скопје и се паркираа на улицата кај поранешен „Дрводекор“, до кеј на река Вардар. Таму имаше автобуси со струмички, демиркаписки, гевгелиски, кочански и други регистерски таблички. Од Велес работници патуваа со еден автобус и пет мини буси а имаше дојдени и со приватни автомобили.

Претседателот на ССМ им се заблагодари на македонските работници со зборовите:
„И покрај сите закани и против сите притисоци што се обидуваа во изминатите денови да ги направат, огромен број од вас се охрабрија и покажаа дека не се плашат и покажаа дека ќе се бориме и нема да се молиме“, порача Трендафилов.
Таму се формираше поворката која тргна на протестната рута чие прво застанување го имаше пред зградата на македонското собрание.

„Да им се извинам на полициските служебници, за кои пратениците не предвидоа ниту нула за зголемување на нивните плати ги ангажирале во огромен број против работниците. Полициските службеници се работници за кои нема зголемување на плата оваа година. Да ги поздравиме со аплауз“, побара Трендафилов. Тој додаде дека на 28 јануари виделе дека се плашат и дека мнозинството пратеници покажле дека немаат време да разговара за работничкиот стандард.

„Гледаат само за себе си да си обезбедат луксузот од буџетот кој го полниме ние. И уште возат на керозин, наплаќаат патни трошоци, дека имаат право на собраниска менза за евтини пари, нешто што работниците го немаат, а тие не сакаат да го овоможат“, додаде Трендафилов.
Им се обрати и претставник на ССМ.
Работниците повторно во колона продолжија по главните градски улици. Пред да стигнат кај зградата на Влада, застанаа и пред зградата на Стопанска комора на Македонија.


Попатно, на протестната колона и се приклучуваа работници од Скопје. Бројот на тие што одлучија да бидат дел од денешниот протест се зголемуваше. Коментарите на дел од присутните пред зграда на Влада се однесуваа на можно присуство помеѓу 10.000 и 12.000 работници.
„За 100 гласа, на парламентарни избори, една политичка партија добива по 70.000 евра, во четирите години до наредни парламентарни избори. За 2025 година, сите политички партии ќе си поделат од 8 до 10 милиони евра. 10 милиони евра наши пари, ваши пари, пари од граѓанит е, пари од буџетот,“ истакна претставник на ССМ пред Владата на Северна Македонија.
Денешниот работнички протест го затвори претседателот Трендафилов повторувајќи ги барањата за покачување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на останатите плати за 6000 денари.
Во исто време соопшти дека веќе на наредниот протест на македонските работници ќе им се придружат и високи синдикални претставници од Европа, Претседателот на Меѓународна конфедерација на синдикати, како и дека нема откажување од Генерален штрајк за остварување на правото на македонскиот работник од повисока во споредба со сегашната плата.
Убавка Јаневска



