Младински центар Велес распиша литературен конкурс ,,Мојот јазик – тоа сум јас”
Младински центар Велес по повод 21ви февруари, Меѓународен ден на мајчин јазик, распиша литературен конкурс на тема ,,Мојот јазик-тоа сум јас”, со цел да се поттикне творештвото и креативноста кај младите.
Право на учество имаат сите ученици од основните и средните училишта во Општина Велес кои творат литературни творби, поезија или проза. Тие треба литературните творби да ги испратат во електронска форма на е-маил адресата на центарот ([email protected]), со назнака литературен конкурс и име и презиме на aвторот.
,,Со овој конкурс Младински центар Велес, сака да ги поттикне на поголемо творештво, токму младите луѓе на територијата на општината. Темата на конкурсот ја избравме со цел да придонесеме за афирмација на македонскиот јазик како мајчин јазик, на оваа категорија на сограѓани. Исто така преку творештвото на младите да го одбележиме Меѓународниот ден на мајчин јазик, 21 февруари. Во изминатите шест месеци, во центарот голем број на млади луѓе покажаа интерес за литература, што особено не радува и токму тоа не поттикна за распишување на овој конкурс. Искрено посакуваме да зборуваме, да пишуваме прозни текстови и поезија на нашиот убав македонски литературен јазик и да го афирмираме преку наши активности како дома, така и во светот,” рече младинскиот работник Ивана Јордева.
Изборот на најдобрите литературни творби ќе го изврши стручна тричлена комисија, формирана од страна на Младински центар Велес. Жири комисијата ќе додели по три награди во двете категории, проза и поезија, што ќе ги обезбедат Младински центар Велес и Агенција за млади и спорт. Рокот за доставување на творбите е до 17 февруари, годинава.
Јордева потенцираше дека за сите дополнителни информации, младите творци секојдневно може да го контактираат Младински центар на е-маил адресата [email protected]. Од таму најавуваат дека наскоро ќе организираат и младински натпревар за творците на ликовната уметност.
Стефани Манева